Во пресрет на 16 октомври, Меѓународниот ден на борба против гладта, НЛБ Банка во соработка со организацијата на Црвениот крст реализираше акција во која вработените на Банката донираа храна и парични средства за набавка на храна за лица во социјален ризик.
Меѓународниот ден на борба против гладта оваа година е посветен на темата „Право на храна за подобар живот и подобра иднина “. Овој ден има за цел да ја подигне глобалната свест за пристап до доволно и квалитетна храна за сите.
“За жал многу семејства и поединци секојдневно се соочуваат со проблемот на недостиг на храна. Храната е најголем приоритет кој треба да се обезбеди, за да се соберат сили да се надминат и другите животни предизвици. Оваа иницијатива е дел од нашите напори да правиме добри дела, да ја поттикнеме општествената одговорност и да создаваме подобар свет. Хуманоста и посветеноста на нашиот тим ги рефлектираат нашите основни вредности како Банка за грижа и поддршка на заедницата. “- велат од НЛБ Банка.
Оваа година, организацијата на Црвениот крст ја реализира кампањата под мотото „Помислете и на нас“, со што се вклучува во глобалните акции за борба против гладта. Целта е да се подигне свеста на јавноста за проблемите со сиромаштијата и да се даде поддршка на општествено одговорните компании кои сакаат да пружат помош.
НЛБ Банка упатува искрена благодарност до своите вработени кои донираа храна и парични средства и ги охрабрува и останатите компании и поединци да се вклучат во хуманитарната акција за поддршка на ранливите категории во заедницата.