Од 21 до 29 септември, Скопје ќе биде домаќин на IDO European Dance Championship 2026, голем меѓународен настан што во главниот град ќе донесе повеќе од 2.900 танчери од повеќе европски земји.
Натпреварувањето ќе се одржува во Т-Арена, во рамките на СЦ „Борис Трајковски“, а заедно со танчерите во Скопје ќе пристигнат и тренери, претставници на федерации, семејства и поддржувачи.

Во текот на деветте дена, градот ќе живее во знакот на танцот и меѓународната културна размена. Покрај спортското значење, првенството се очекува да придонесе и за туристичката и економската активност во Скопје, преку зголемена посетеност на хотелите, рестораните, угостителските објекти, трговските центри и локалните транспортни услуги.

Еден од највпечатливите моменти во програмата ќе биде Парадата на нациите на 25 септември во 14:30 часот, кога ќе бидат претставени сите земји и учесници на првенството. На настанот е предвидено присуство и на високи државни претставници, дипломатски делегации и амбасадори.

IDO European Dance Championship 2026 е можност Скопје уште еднаш да се претстави како град способен да биде домаќин на големи меѓународни настани, но и како отворена и гостопримлива дестинација што ги поврзува спортот, културата, младите и различните европски традиции.

Од 21 до 29 септември – Скопје танцува со Европа.





