КУЛТУРА

„Пред дождот” е културно наследство што Милчо ѝ го остава на Македонија

Пред вечерашната Златна гала премиера на нашиот светски класик „Пред дождот”, денеска на средба со медиумите се обратија учесниците во филмот.

Странските гости од екипата дојдоа од Лондон, Париз и Хрватска – актерот Раде Шербеџија, дизајнерот на продукција и оскаровец Дејвид Манс, директорот на фотографија Мануел Теран, монтажерот Николас Гастер – и дел од македонската екипа Петар Мирчевски, Силвија Стојановска, Сузана КиранџискаКатерина КоцевскаЗлатко Ориѓански и режисерот Милчо Манчевски.

Пред дождот

Филмот што го градеше идентитетот и му даде лице на името Македонија ќе ја прослави 30-годишнината, вечерва во 20 часот во Македонската филхармонија со Златна премиера на реставрирана копија.

„Луѓе ме прашуваат зошто во моите филмови нема повеќе среќни завршетоци. Денес, 30 години после успехот на „Пред дождот”, мене ми е забрането да снимам во Македонија. Уживајте во претставата.”, рече Манчевски.

Раде Шербеџија раскажа како се сретнале со Милчо, кој по неколку години го нашол во Лондон во 1992. Му го дал сценарио за „Пред дождот” во едно кафуле на Сохо. Раде истата ноќ по прочитал двапати и следниот ден, кога пак се сретнале, Милчо го прашал како му се чини.
“Му реков, одлично е! Милчо ми рече дека ликот на Александар го пишувал за мене. Го прашав како, кога не ме ни знаеше, а тој ми рече, пa ти си играл во 5 филмови на мојот омилен режисер Живојин Павловиќ, те знам”изјави Шербеџија.
Потоа раскажа и случка од прес-конференцијата за премиерата на Пред дождот, кога една новинарка го прашала Милчо зошто филмот има три дела, а не е една целина.
А Милчо, по една подолга драмска пауза, само рече –Затоа“”, додаде Раде.

Сајмон Пери, тогашниот директор на Бритиш Скрин изјави во видео порака: „Да те поддржувам и да работам со тебе на овој филм, Милчо, беше за мене како британски продуцент извор на гордост, која не се мери со ништо друго што имам направено. Прекрасно е да се замислат луѓето во публиката, кои не биле ниту родени и сега откриваат колку извонреден беше твојот прв филм; и е; и секогаш ќе биде.”

Пред дождот

Долгогодишниот соработник на Манчевски, и оскаровец, дизајнерот на продукција Дејвид Манс рече: „Филмот се занимава со универзални теми – една од причините поради која, одекна на меѓународно ниво и постигна толку голем успех, многу проучувања и размислувања. Филмот поставува прашања и изискува од публиката да размислува и да креира сопствено мислење. Живот и смрт, конекции и односи, љубов и јазик, слики и зборови. Брилијантно сценарио, приказна, слики, емотивен пејзаж… Веднаш знаев дека е нешто посебно и посакав да сум дел од целиот процес. Се сеќавам во 2004 година, 10 години по успехот во Венеција, запознав луѓе во Пуља, Италија. Кога им кажав дека сум дизајнер на продукција на „Пред дождот”, спонтано почнаа да цитираат реплики од филмот”.

Актерката Силвија Стојановска чувствува огромна благодарност што имала среќа да биде дел од една безвремена приказна во „Пред дождот”: „Денес по 30 години, филмот се уште претставува инспирација за нови генерации филмски уметници. „Пред дождот” е филмско и културно наследство што Милчо ѝ го остава на Македонија”, вели Стојановска.

„Кога ми соопштија дека сум ја добила улогата бев пресреќна. По 30 години сè уште ја носам во себе истата радост, што благодарение на Милчо имав мал удел во еден од најдобрите филмови на сите времиња на светот. Не станав славна како Раде, но затоа можам да се пофалам дека сум снимила, речиси љубовна сцена со него… во која ме одби”, вели актерката Катерина Коцевска.

Првите мисли кои му доааѓаат во глава на директорот на фотографија Мануел Теран се задоволство и гордост.

„Овој фантастичен филм ја дефинираше кариерата и воопшто мојот живот, првите мисли кои ми доаѓаат се задоволство и гордост.  Се радувам што се сретнав повторно со сите. Каква среќа!”.

„Каква радост што се обединивме повторно да го преживееме тоа искуство!”, вели монтажерот Ник Гастер.

„Пред дождот” е важен филм на повеќе нивоа. Сценариото и концептот на Милчо се ремек дело, одлично реализирани преку маестралната актерска игра, дизајнот на продукција, музиката и фотографијата. Ослободување на креативна енергија. За време на снимањето, темата на филмот, ужасот од распаѓањето на прогресивните политичко-идеолошки процеси и повлекувањето во племенското, нешто што е премногу релевантно денес, беше во извонреден контраст со прекрасната хармонична екипа, составена од сите делови на поранешна Југославија и светот. Привилегија е да се биде дел од тимот, кои ми останаа доживотни пријатели.”, изјави Гастер.

„Денес, „Пред дождот” ми се чини како сон. Еден мој пријател вели, да, ама тој сон е влезен во нашата колективна меморија… за сите времиња”, вели Златко Ориѓански, еден од композиторите на музиката. 

„Иако мојата улога беше многу мала, тие неколку денови снимање беа незаборавно искуство, не само поради одличната актерска екипа, која ја одбра Милчо и магичната атмосфера што тој ја создаваше на снимањето, туку и заради неговото визионерско сценарио, кое проговори за проблемите и предрасудите, кои беа присутни во нашава земја, далеку пред да почнат да се заоструваат и продлабочуваат. Среќна сум што бев дел од овој филм на Милчо, кој покрај многуте награди кои ги доби, според New York Times е вброен во 1000 најдобри филмови на сите времиња”, вели актерката Сузана Киранџиска.

Присуството на вечерашната премиера го потврдија дури 21 амбасадор во Македонија и личности од политичкиот и јавен живот. Со цел овој свечен настан да биде достапен за љубителите на филмот, беа поделени и ограничен број бесплатни билети. Свечен ручек за филмската екипа организираше и британскиот амбасадор Метју Лосон, на кој присуствуваше и претседателката Гордана Силјановска – Давкова.

Одбележувањето на 30-годишнината во Скопје е организирано со приватни средства и со трудот на група професионалци. Златната гала премиера ја финансира „Витаминка”.  „Дајнерс” и Државна видеолотарија на Република Македонија – Касинос Аустриа ги поддржаа изданијата, биографската книга „Милчо за Манчевски” и изданието на меморијалниот есеј „Убавите работи долго траат” кои ќе бидат бесплатно достапни за публиката, Британскиот совет го обезбеди доаѓањето на гостите од странство, а Мајпринт печатарските услуги. За коктелот се погрижи Тиквеш. Екипата изрази благодарност и до Јавна соба, Види вака и Министерството за култура.

Напишете коментар

Back to top button
close