Македонската писателка и поетеса Кристина Краличин е прогласена за севкупна победничка на меѓународниот поетски конкурс „Most pjesnika 2026“ во Сараево, освојувајќи го највисокото признание „Дијамантска повелба“ (Dijamantska povelja) за песната „Dvoje ne moraju jedno postati“ („Двајца не мора да станат едно“).

На конкурсот, организиран во рамките на четвртиот Меѓународен фестивал на поезијата, пристигнале 177 книжевни дела, а во официјалниот список се застапени автори од Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Бугарија, Италија, Германија, Австрија, Шведска, Данска, Обединетото Кралство, Соединетите Американски Држави, Австралија, Аргентина, Шпанија, Луксембург и Косово.
Во официјалните резултати објавени на 13 октомври 2026 година, песната на Краличин е наведена на првото место во категоријата „Дијамантска повелба“, со експлицитна ознака „pobjednička pjesma konkursa“ (победничка песна на конкурсот). За разлика од другите две Дијамантски повелби, доделени во посебните категории за книжевната дијаспора на Босна и Херцеговина и за млади автори, песната на Краличин е прогласена за севкупна победничка на меѓународниот конкурс.
Конкурсот е организиран од Здружението за култура „Nova svjetlost“ (KNS) од Сараево, а селектор на пристигнатите творби е книжевникот Ибрахим Османбашиќ, кој го спровел оценувањето на поетските дела во консултација со познавачи на поетското творештво.
Победничката песна ја истражува суштината на човечката блискост, индивидуалноста и слободата во меѓучовечките односи. Нејзината централна порака е дека вистинската поврзаност не подразбира губење на сопствениот идентитет, туку можност две личности да останат различни, а сепак длабоко поврзани. Оваа идеја особено се надоврзува на симболиката на фестивалот, посветен на градењето мостови меѓу луѓето, културите и народите преку поезијата.

Во официјалното образложение за доделеното признание, селекторот Ибрахим Османбашиќ истакнува дека Краличин успева личната приказна за љубовта што оставила трага да ја претвори во универзално размислување за човечката потреба од припадност и слобода. Тој посебно ја нагласува филозофската длабочина на песната и симболиката на мостот како израз на човечката поврзаност што ја надживува дури и разделбата.
Свеченото доделување на признанијата и промоцијата на меѓународната поетска збирка „Most od riječi“, во која ќе биде застапена и победничката песна, се закажани за 17 октомври 2026 година, во Art kuća sevdaha во Сараево.
Освојувањето на Дијамантската повелба претставува значајно меѓународно признание за книжевното творештво на Кристина Краличин и придонес кон афирмацијата на современата македонска поезија на меѓународната книжевна сцена.
Официјални резултати на конкурсот:
https://kns.ba/rezultati-konkursa-most-pjesnika-2026-4-medjunarodni-festival-poezije/
Образложение на селекторот за доделеното признание
Песната „Двајца не мора да станат едно“ од авторката Кристина Краличин од Македонија донесува суптилно и филозофски инспирирано размислување за љубовта, слободата и границите што ја чуваат автентичноста на две личности. Преку симболиката на мостот и реката, авторката гради поетски простор во кој се среќаваат блискоста и оддалеченоста, сеќавањето и загубата, трајноста и минливоста.
Vrijeme tada nije znalo za tok, na starom mostu vječnost se skrila, zaustavljena u tvome dodiru, dok je rijeka ispod nas žurila i negdje daleko u svome viru se gubila.
Посебната вредност на песната се огледа во нејзината основна мисла: љубовта не бара две личности да се стопат една во друга, туку, останувајќи свои, да изградат нешто заедничко. Така, мостот станува метафора на поврзувањето, додека двата брега го симболизираат правото на сопствен идентитет. Во тој однос поетесата препознава една од најдлабоките вистини на љубовта, да се биде близок со другиот, а да не се престане да се биде свој.
Лирската атмосфера на стариот мост, реката што неуморно тече и предвечерното небо ѝ дава на песната медитативна сила, додека завршните прашања отвораат простор за сопствениот копнеж и преиспитувањето на читателот. Кристина Краличин успева личната приказна за љубовта што оставила трага да ја претвори во универзално размислување за човечката потреба од припадност и слобода.
A ja još uvijek ne znam, sada kada si otišao daleko od mene, daleko od ovog mosta, daleko od nas, je li ljubav bila most koji nas je spojio ili rijeka koja je tekla između nas.
Наградата на конкурсот „Мост на поетите 2026“ ѝ припаѓа на песна што мостот не го гледа само како градба или место на средба, туку и како симбол на човечката поврзаност што ја надживува дури и разделбата. Можеби токму во тоа е тајната на љубовта: не мора да станеме едно за да си припаѓаме еден на друг, доволно е меѓу нашите брегови да постои мост што памети дека некогаш сме се сретнале.
Ибрахим Османбашиќ Книжевник и селектор на конкурсот „Мост на поетите 2026“
Сараево, 13 октомври 2026 година
Извор: Здружение за култура „Нова свјетлост“ (KNS), Сараево, https://kns.ba/obrazlozenje-selektora-za-dodjeljena-priznanja-most-pjesnika-2026/





