Прескокни до содржината

петок, 30 октомври 2026

Маркетинг
Реклама
Најнови

Штип подготвен за музички спектакл: Вечерва започнува 41. издание на „Макфест“

Фестивалската сцена во Штип е подготвена да ги пречека новите музички имиња, авторски композиции и рефрени кои допрва ќе ја освојуваат публиката. Вечерва започнува 41. издание на „Макфест“, фестивалот кој повеќе од четири децении е нераскинлив дел од македонската музичка традиција и едно од најзначајните случувања во културниот живот на градот.

Подготовките се целосно завршени, а уметничкиот директор Роберт Саздов најавува уште еден успешен фестивал, кој продолжува да се надградува и да го следи развојот на современата музичка сцена.

makfest

„Од година во година ‘Макфест’ бележи напредок, како во техничкиот, така и во музичкиот аспект. Сè е подготвено, вклучително и оркестарот, под водство на Илија Ќосевски. Подготвени сме за почеток и верувам дека нè очекува одлично фестивалско издание“, истакна Саздов.

Вечерва е резервирана за дебитантите и нивните нови музички остварувања. Од учесниците во првата вечер, само шестмина ќе обезбедат место и во утрешната фестивалска вечер, врз основа на гласовите од публиката во салата и оценувањето на стручната жири-комисија. Токму оваа неизвесност дополнително го прави натпреварувачкиот дел возбудлив, додека двете вечери ќе донесат и бројни музички изненадувања.

Фестивалската атмосфера веќе беше најавена со традиционалното кревање на знамето на „Макфест“, за што оваа година честа ѝ припадна на Лара Иванова, заедно со градоначалникот на Штип, Иван Јорданов. Иванова е добитничка на признанието за најслушана песна во периодот меѓу двата фестивала, за нејзиниот хит „Доминантен“.

За Лара, „Макфест“ има посебно значење, бидејќи токму на оваа сцена започна нејзината музичка кариера. Од првиот настап во 2019 година до денес, фестивалот останува место на кое со задоволство се враќа.

makfest znaminja

„Навистина ми е мило што и оваа година сум дел од традиционалното кревање на знамето, а уште поголема чест ми претставува признанието за најслушана песна. Морам да ја споменам и ‘Бела’, која беше промовирана токму на оваа сцена и прерасна во еден од најголемите македонски хитови во последната деценија. Од она што досега го слушнав од новите композиции, убедена сум дека и годинава ќе имаме неколку песни што ќе станат хитови“, истакна Иванова, најавувајќи го и својот настап на фестивалската сцена.

Дел од традицијата продолжува и со промоцијата на специјалното фестивалско ЦД, кое беше претставено на прес-конференцијата и ги содржи сите композиции од овогодишното издание, овековечувајќи го музичкиот избор на 41. „Макфест“.

Во вечерашната дебитантска вечер ќе настапат Анастасија Спасевска, Драгана Јовановска, Девана, Kaly и Гоки, Санела Шукриевска, Ненад Вржалски, „Три пати на ден“, Дорис Ди, Арте-Факт, Ана Цамбулева, Доно, Тамара Грујеска, Теа Златева, Марија Наумоска и Елена Наумова.

Со нови песни, препознатлив фестивалски дух и изненадувања што допрва ќе бидат откриени, „Макфест“ уште еднаш ја потврдува својата улога како сцена на која се раѓаат музички приказни и се создаваат хитови што остануваат.

Штип е подготвен за уште една незаборавна музичка вечер!

Споделете:
Реклама

Најнови на Турлитава