Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница на 26 септември беше домаќин на топла и значајна културна средба, во која се споија историјата, духовноста, книгата и поезијата.

Во рамките на настанот беше поставена изложба на факсимили и делови од „Часословот“ на Јаков од Камена Река, првиот македонски печатар. Посетителите имаа можност да направат патување низ времето, повеќе од четири века наназад, и одблиску да се запознаат со делото и духовното наследство на човекот кој остави неизбришлива трага во македонската книжевна и печатарска историја.

Посебен белег на средбата оставија пораките на Епископот Делчевско-каменички, г. Марко. Тој им се обрати особено на младите, нагласувајќи го значењето на верата и знаењето, како и одговорноста за зачувување на нашето културно и црковно наследство, македонскиот јазик и македонската култура.

Настанот ја потврди улогата на Виница како место каде традицијата и културата живеат преку луѓето, а книгата и поезијата и денес остануваат мост што ги поврзува генерациите со нивните корени.





