Има настани што претставуваат бренд, и има вечери што успеваат да го претворат неговиот свет во целосно искуство. Гала вечерта посветена на француската парфемска куќа Atelier Des Ors, во организација на Matoss Cosmetics, официјалниот увозник и дистрибутер на брендот во Македонија, дефинитивно припаѓаше на втората категорија.

Концептот на вечерта беше изграден околу еден од најпрепознатливите симболи на Atelier Des Ors, златото. Не само како декоративен елемент, туку како нишка што ја поврзува филозофијата на брендот, парфемите, гастрономијата и целокупната атмосфера.

Гостите уживаа во внимателно осмислена вечера во пет следа, претворена во вистинско гастрономско доживување. Дел од специјалитетите беа дополнети со јадливо злато, суптилна референца на 24-каратните златни честички што се еден од потписите на парфемите Atelier Des Ors. Молекуларните десерти, пенливите вина и шампањот дополнително ја заокружија вечерта во која гастрономијата и парфимеријата природно се сретнаа околу иста идеја, уживањето како форма на уметност.

Atelier Des Ors е француска куќа за уметничка парфимерија основана во 2015 година од Jean-Philippe Clermont, со идеја парфемот да се врати во доменот на високото занаетчиство, естетиката и емоцијата. Во нејзината филозофија златото не е само визуелен код на луксузот. Тоа е симбол на потрагата по убавина, совршенство и трајност, а токму 24-каратните златни листови присутни во парфемите станаа еден од најпрепознатливите потписи на куќата.

На вечерта присуствуваше и претставничката на Atelier Des Ors, Elise Pelletier, која ги поздрави гостите и ја доближи филозофијата на куќата, според која парфемот не треба да се доживува единствено како мирис, туку како простор за емоција, сеќавање и имагинација. Токму таа идеја, парфемот како уметност на живеењето, беше присутна во секој сегмент од вечерта.

Пред гостите беше претставено портфолиото на Atelier Des Ors, а посебно внимание привлече Novae Vanilla, една од поновите креации на куќата. Инспирирана од златниот пресек и идејата за совршена пропорција што се повторува во природата и уметноста, композицијата ја гради својата приказна врз контрастот меѓу светлината и темнината. Во неа се среќаваат три различни интерпретации на ванила, NaturePrint® blue vanilla, Bourbon vanilla и Madagascar vanilla, со сончевата мекост на мимозата. Резултатот е ванила што излегува од очекуваната гурманска рамка и добива поминерален, посветол и пософистициран карактер.

Меѓу гостите беа бројни инфлуенсери, соработници, пријатели и почитувачи на брендот, но она што ја издвои вечерта беше чувството дека ништо не е оставено на случајност. Од презентацијата на парфемите и гастрономскиот концепт, до најмалите визуелни детали, целиот настан изгледаше како дел од истиот внимателно режиран свет.

И можеби токму тоа беше најсилниот впечаток од вечерта. На неколку часа Скопје изгледаше како природна адреса на еден светски niche perfume настан, со продукција и естетика какви што сме навикнати да гледаме во Париз, Милано или други големи европски центри. Без непотребна претенциозност, но со јасно чувство за мерка, детали и современ луксуз.

Токму вакви настани му недостигаат на градот. Не само поради нивната визуелна привлечност, туку затоа што создаваат поинаква култура на доживување на брендот, во која производот не се изложува едноставно пред публиката, туку околу него се создава приказна, атмосфера и меморија.

Парфемите на Atelier Des Ors се достапни во парфимериите Boudoir The house of Fragrance, каде македонската публика може да ја открие селекцијата на оваа француска куќа и нејзиниот препознатлив свет во кој парфемот, уметноста и златото зборуваат на ист јазик.















