МАКЕДОНИЈА

Христос се роди – Навистина се роди! За многу години Божиќ!

Денес е Рождество Христово односно Божиќ – празник на радоста и надежта, највеселиот православен празник со кој се слави раѓањето на Исус Христос.

Христос се роди! И илјада пати да се родел Исус Христос во Витлеемската пештера, ако ниту еднаш не се роди во нашите срца, сето тоа е залудно. Со неговото раѓање се родила надежта која е спасителка на душата човечка. Христос се воплотил за да го спаси родот човечки.

Божиќ

Божиќ се слави три дена. Божиќното утро почнува така што рано в зори се слушаат камбаните од сите православни цркви и храмови, се облекува свечена облека и се оди во црква на божиќна литургија.

Луѓето се поздравуваат и отпоздравуваат со зборовите „Христос се роди“ и „Навистина се роди“.
Утрото на Божиќ се појадувa од Бадниковата трпеза, којашто потоа се раскрева. Исто така од овој ден се прекинати божиќните пости и може да се мрси.

Семејствата со помали деца наутро после појадокот се приготвуваат и заминуваат на гости кај своите најблиски, благодарејќи му на Бога за првата мрсна трпеза во годината нова и молејќи му се да не нè лиши од лебот наш насушен низ сите денови од годината што следува.

Целта на овој празник е токму таа, да се поврзат луѓето на овој ден со Бога и со своите најблиски. Да поминат квалитетно време заедно и да го прослават Христовото раѓање.

Именден празнуваат: Христо, Христина, Божин, Ристо, Христина, Ристана, Ристовка…

Нека тишината на овој свет ден ви донесе мир во надежта, радост во животот и љубов за оние со кои живеете! Од срце ви посакуваме среќен Божиќ.

Subscribe
Notify of
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
Back to top button
close