КУЛТУРА

ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија ја објави збирката „Метрички карван 9: Гевгелија – Куманово“

Денес од печат излезе деветтото издание на збирката поезија „Метрички карван“, традиционална збирка поезија што секоја година ја објавува ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ - Гевгелија.

Уредници на овогодишното издание се Стефан Марковски и Васил Тоциновски, а во збирката се застапени по три необјавени песни од: Катерина Гогова, Жаклина Атанасова, Стефчо Стефанов, Лилјана Пецова Илиеска, Олгица Ќурчиева, Васил Тоциновски, Јосип Коцев, Димитар Арнаудов, Пепи Стамков и Моника Игевска Ризова од Гевгелија, како и: Борис Митковски, Југослав Петровски, Билјана Станковска, Санде Стојчевски, Росица Митиќ, Бобан Богатиновски, Сања Атанасовска и Маја Белева од Куманово.

Во рецензијата кон изданието од Маја Јакимовска – Тошиќ е наведено:
„Изданието пред нас кое нуди творечко поврзување на поетите по потекло од Гевгелија и Куманово, го согледуваме како извонредна можност за меѓусебно проникнување на творци од различни генерации и од две различни урбани средини. Книгата заедно со нејзините читатели отвора хоризонти за запознавања и размена на творечки пулсирања на пошироката македонска културна сцена.

Поетските творби им припаѓаат на творци од различни генерации по потекло од двата града Гевгелија – Куманово, со различни поетски профили условени од нивните инакви мотивски, филозофски и естетски ориентации. Концептот определува претставување на авторите и авторките со основни био-библиографски податоци, и со застапеноста, главно, на по три нивни песни, каде секој од авторите се издвојува со свој сопствен поетски стил и јазик, со кој го обликува својот карактеристичен и, напати, многузначен творечки свет. На моменти, во поетските изблици како да се препознаваат спецификите на поднебјата од кои авторите потекнуваат, изразени низ сликите, претставите, главно содржани во доживувањата поврзани со најблиското непосредно опкружување. Изборот вклучува поезија од етаблирани поетски имиња, препознатливи за пошироката јавност – поети доајени, но и на нови имиња чии поетски призвуци носат поинакви видувања на секојдневието, изразени со динамиката на младешкиот порив.“

Збирката „Метрички карван: Гевгелија – Куманово“ во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија ќе биде промовирана на 23. декември во 18:30 часот во Народниот театар во Гевгелија.

Subscribe
Notify of
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
Back to top button
close