КУЛТУРА

Изложба „150 години од раѓањето на Гоце Делчев“ во Нова Горица, Словенија

Во галеријата на Македонското културно друштво „Охридски бисери” во Нова Горица, Република Словенија, беше отворена изложбата што ја подготви Државниот архив: „150 години од раѓањето на Гоце Делчев” (1872 – 2022).

На отворањето на изложбата се обратија македонската амбасадорка во Република Словенија, Сузана Зеленковска, претседателот на Клубот, Боро Митовски, градоначалниците на општина Нова Горица, д-р Клемен Миклавич и на Шенпетер, Милан Турк, како и директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески. Притоа, во чест на гостите беше изведена и пригодна културно-уметничка приредба.

Самата изложба е презентација на архивски документи и фотографии, што го прикажуваат ликот и делото на Делчев од повеќе аспекти, а најмногу како идеолог и еден од главните организатори на македонското национално-ослободително движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век.

Сите овие активности што ги презема и ги прави Државниот архив се во интерес на зачувување на нашето минато, на нашата историја, култура, традиција и обичаи, потсетување на значајни настани и личности, нивно чествување, како долг спрема нашите предци, но и за сегашните и идните генерации на кои историјата и минатото треба да им бидат светилник за иднината и темел за нашето опстојување на овие простори.

„Една од основните дејности на Државниот архив е всушност да ги чува оригиналните значајни историски документи и материјали и тоа е наша обврска како институција, со што го оправдуваме епитетот дека сме еден од главните столбови на нашиот национален идентитет“, истакна меѓу другото, на отворањето на изложбата, директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески.

Изложбата во Нова Горица, каде што живеат и работат околу три илјади македонски државјани, ќе биде поставена еден месец, а потоа ќе биде претставена и во други македонски клубови во Словенија и во Хрватска, како што се во Крањ, Љубљана, Цеље, Копер, Риека, Загреб, Вараждин, Осиек и Ѓаково. Во оваа пригода Македонското културно друштво „Охридски бисери” на Државниот архив му додели плакета за успешна соработка во областа на историјата и културата.

Subscribe
Notify of
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
Back to top button
close