Детоксот е процес на отстранување, празнење и излачување на токсични или други штетни материи од телото. Новогодишната трпеза секогаш е полна со вкусна и калорична храна, на која тешко може да ѝ се одолее.
Дури и да сте јаделе умерено, сигурно сте внесле поголема количина масна, тешка и зачинета храна, како и десерти, отколку обично.
Одморете го желудникот и сите органи од напорното и постојано варење. Прекумерното внесување храна и пијалаци го заморува организмот, па затоа е потребно да се опуштите, одморите и да консумирате храна и намирници кои ќе ве прочистат и освежат.
Нутриционистите предлагаат неколку одлични детокс варијанти кои можат да ви помогнат да ги исфрлите сите штетни материи што се насобрале во текот на празниците.
Овој детокс мора да биде брз и ефикасен, а во текот на целиот процес е важно да се внесува доволно вода, природни смути и сокови, како и чаеви. Детоксот трае од три до седум дена, затоа организирајте ги оброците и прилагодете ги на вашиот начин на живот.
Еве неколку предлози за одличен детокс:
1. Сокови и смути од свежо овошје и зеленчук
Мозокот има потреба од шеќери, но природни фруктозни шеќери добиени од цело овошје и измешани со вода. Можете да правите разни комбинации од свежо овошје, а особено здрави се смутите од свеж зеленчук и овошје.
Зелен смути од бебешки спанаќ, стапчиња целер, киви, лимон и зелено јаболко ќе ве врати во форма.
Доколку додадете малку банана, путер од кикирики или бадеми, како и ленено семе, вака подготвениот смути е одличен главен оброк.
2. Цитрусите се богати со витамин Ц
Исцедете еден портокал, лимон и грејпфрут и разредете со вода. Испијте веднаш по цедењето.
3. Кисела зелка и расол
Расолот и киселата зелка се богати со витамин Ц, го потпомагаат варењето бидејќи содржат пробиотички и пребиотички култури, кои се неопходни за добро варење и работа на цревата.
4. Лесни супи од различен зеленчук
Супите од различен зеленчук се лековити, а можете и да ги испасирате во форма на потаж. Доволно е само малку да ги посолите или да додадете сув зачин. Консумирајте два до три пати на ден по 1,5 дл.
5. Различни компоти со суви овошја
Сварете компоти од јаболка, круши, дуњи и додадете суви сливи и смокви наместо шеќер. Варете на умерена температура. Компотите се одлични за варењето и за правилната работа на цревата.