„Чекор“ стана хит, а Darkoff веќе има нов адут – слушнете ја „Под ова небо“

По успешното деби на македонската музичка сцена со синглот „Чекор“, младиот музички автор и продуцент Darkoff продолжува сигурно да го гради својот препознатлив музички израз. Неговото најново остварување, „Под ова небо“, е реализирано во соработка со младата пејачка Анастасија Никова, носејќи современ звук, силна емоција и впечатлива вокална интерпретација.

Darkoff

Новата песна веќе е достапна на сите дигитални музички платформи и на YouTube, каде што публиката има можност да ужива во уште едно музичко дело кое ја продолжува авторската приказна на Darkoff – комбинација од модерна продукција, мелодичност и атмосфера што лесно допира до слушателот.

За Анастасија Никова ова е уште една значајна музичка соработка, по нејзиното успешно претставување на јубилејното 40. издание на „Макфест“ во 2025 година. Тогаш таа дебитираше со баладата „Сите ѕвезди паѓаат“, чиј авторски тим го сочинуваа Марија Спасовска, Дарко Андонов и Кире Јакимов, оставајќи впечаток како една од најперспективните млади пејачки на домашната сцена. Во „Под ова небо“, Никова повторно го демонстрира својот препознатлив вокал, додека Darkoff уште еднаш покажува дека доследно го следи својот авторски правец – музика која се издвојува со емоција, современа електронска продукција и автентичен пристап.

Во меѓувреме, неговиот прв официјален сингл „Чекор“, снимен со Сара Ташкоска, за кој текстот го напиша Дина Јашари, продолжува успешно да живее меѓу публиката. Песната е дел од програмата на Urban FM, каде е вброена меѓу „Hit On Repeat“ нумерите, а видеоспотот на YouTube веќе надмина 100.000 прегледи, што претставува одличен резултат за млад автор кој штотуку го започнува својот професионален музички пат.

Со „Под ова небо“, Darkoff испраќа јасна порака дека не планира да застане по успешниот почеток. Напротив, продолжува да создава музика која се разликува од вообичаените шаблони, а соработката со Анастасија Никова е уште една потврда дека на македонската музичка сцена се појавува нова генерација талентирани автори и изведувачи подготвени да понудат свежи идеи, нов звук и современ музички идентитет.

- Advertisement -
9.309 следбеници
следете

НАЈНОВИ