Прескокни до содржината

Недела, 1 ноември 2026

Маркетинг
Реклама
Најнови

Во Музејот на современата уметност во Скопје, вториот ден на Fashion Weekend Skopje ги поврза дизајнот, уметноста и одговорноста кон иднината

Што останува зад една колекција кога ќе заврши ревијата? Авторска идеја, знаење, материјал што може да добие нов живот, соработка што допрва ќе се развива. Вториот ден на 33. Fashion Weekend Skopje powered by UNIBank го насочи вниманието токму кон тие прашања. Од модна аукција со кауза до меѓународни уметнички претставувања, разговори за одржливоста, книжевна промоција и вечерни ревии, програмата покажа колку различни приказни може да раскаже модата кога ќе ѝ се даде простор.

Во Галерија бр. 4 на музејот, дизајнерите, уметниците, кураторите и истражувачите отворија разговор за тоа како создаваме, што вреднуваме и каква одговорност носат нашите избори. На пистата, тие прашања добија и лична димензија, преку колекции инспирирани од семејното наследство, емоциите, природата, сликарството и секојдневните предмети.

Денот започна со мода што поддржува кауза

Програмата ја отвори „Wear the Change: Fashion Auction with a Cause“, модна аукција која ги поврзува авторскиот дизајн и филантропијата. Иницијативата на Никола Булески, Македонското модно здружение и граѓанската организација КОНЕКТ ја поставува модата во непосредна врска со солидарноста и со можноста креативноста да придонесе за заедницата, под покровителство на Амбасадата на Франција и со поддршка од Фондацијата „д-р Верица Механџиска“.

Четири авторски пристапи во нордиската и балтичката приказна

Меѓународната програма „GREEN AND SUSTAINABLE FASHION: THE NORDIC-BALTIC STORY“ го обедини модниот дизајн со видеото, перформансот и изложбениот простор, отворајќи нови перспективи за одржливата мода и нејзиниот дијалог со современата уметност. Проектот е финансиран од Нордискиот совет на министри.

Видеоинсталацијата на Јустина Семченкаите од Литванија беше прикажувана континуирано во текот на настанот. Силе Дамгор од Данска ја претстави својата дипломска колекција „DETACHED“ преку модна ревија, додека Ана Рингстад од Норвешка го претстави „Maintenance Melancholia“ во формат на перформанс и изложба. Со перформанс и изложбено претставување учествуваше и Тува Самуелсон од Шведска.

Различните формати го продолжија разговорот за облеката како носител на идеи, за телото како дел од уметничкото дело и за одржливоста како прашање што влијае врз самиот процес на создавање.

Во рамките на програмата се одржа и јавниот разговор „Fashion, Contemporary Art and Sustainability“, модериран од проф. д-р Гордана Вренцоска, со учество на Силе Дамгор, Ана Рингстад и Тува Самуелсон. Дискусијата ги разгледа врските меѓу модата и современата уметност, начините на кои одржливоста се толкува и изразува преку современите модни практики и нивното значење за општеството и модната индустрија.

Поздравно обраќање имаше амбасадорот на Шведска, Ола Солстром. Зборувајќи за модата, уметноста и креативноста, како и за проектот „Зелена и одржлива мода – нордиско-балтичка приказна“, тој истакна

„Модата, уметноста и културата се моќни двигатели на одржливоста, иновациите и економскиот развој. Кога инвестираме во креативните индустрии, не инвестираме само во културата, туку и во идниот раст и конкурентност. Преку оваа нордиско-балтичко-македонска соработка ги поврзавме креативните таленти преку границите, поттикнавме нови партнерства, споделивме знаење и инвестиравме во следната генерација. Трајната вредност на овој проект не се огледа само во она што беше создадено, туку и во односите, инспирацијата и соработката што ги остава зад себе.“

Невидливите траги на текстилот

Прашањето за одговорноста на модната индустрија доби конкретен фокус во разговорот „Invisible Threads: How Microplastics Impact Our Water & How Design Can Fix It“.

Јасна Димовска, асистентка за односи со јавноста и проекти во Текстилното трговско здружение, Текстилен кластер, и проф. д-р Сања Ристески од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип разговараа за влијанието на текстилот врз животната средина, микропластиката во водите и можностите што ги отвораат одржливите иновации во дизајнот.

Во овој програмски блок беше претставен и модниот перформанс „SCI-WASTE: FUTURE-FORM“ на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, поврзувајќи ги истражувањето, образованието и модното изразување.

Гласовите зад современиот бугарски дизајн

Попладневната програма продолжи со промоција на „The Voices of Fashion – An Anthology of Contemporary Bulgarian Fashion Design“, претставена од кураторката за моден дизајн Нели Митева.

Создадена врз основа на обемно истражување и интервјуа со триесет активни претставници на бугарската модна сцена, антологијата ги документира нивните авторски патишта, влијанија, дизајнерски убедувања и искуства во градењето сопствени брендови.

Книгата отвора поглед и зад готовите колекции, кон образованието, условите за работа и предизвиците на малиот пазар. Во нејзиното средиште е идејата за промислен и препознатлив дизајн кој ги осовременува сопствените корени и традиции, создавајќи простор за оригинален авторски израз.

По промоцијата следуваше јавно предавање на д-р Надежда Џакова, кураторка за визуелни уметности, како дел од програмата посветена на средбите меѓу модата и современата уметност.

СКАЛА со шест млади авторски перспективи

Ревискиот дел го отворија студентите од Академијата за моден дизајн при СКАЛА, со шест колекции создадени под менторство на Катерина Тошева и Ирина Тошева. Нивната заедничка презентација ги поврза истражувањата на личното, емотивното и променливото, оставајќи простор за шест различни модни идентитети.

Темите се движеа од тивката сила и трансформацијата до младоста и бунтот, детската слобода, нежноста и внатрешните циклуси. Инспирацијата од природата, личните искуства и супкултурите беше преточена во силуети, материјали, бои и детали преку кои секој студент го развива својот авторски јазик. Претставувањето понуди поглед кон една генерација која преку модата ги формулира сопствените прашања и ставови.

Bikova Studios со „Cherga“ меѓу семејното наследство и новиот почеток

Bikova Studios ја претстави „Cherga“, колекција во која чергата е симбол на праг, премин и почеток. Познатиот предмет од домот станува појдовна точка за влегување во нов простор и нова авторска насока.

Инспирацијата доаѓа од фрагменти од графичките дела на Драган Биков, дедото на дизајнерката. Пренесени од хартија во текстил, тие добиваат нов живот преку материјалот, конструкцијата и облеката. Семејното уметничко наследство се продолжува во друг медиум, а враќањето кон корените отвора можност за движење напред.

Во „Cherga“ се среќаваат традицијата и бунтот, рачната работа и современиот израз. Колекцијата ја задржува блискоста на домашниот предмет, истовремено преиспитувајќи што може тој да стане кога ќе се пренесе на телото.

CAPA Atelier ги претвори емоциите во облека

Сара Павловска, дизајнерката зад CAPA Atelier, ја претстави „Euphoria: The Art of Feeling Everything“, колекција посветена на врската меѓу модата, современата уметност и човечките емоции. Образувана во „Џолев и уметностите“ во Скопје и на NABA во Милано, Павловска ја развива својата креативна визија преку прашањето како невидливото чувство може да добие физичка форма.

Што ако нашите емоции имаат облик? И што ако можеме да ги носиме? Од овие прашања тргнува колекцијата, во која секој изглед претставува различна емоционална состојба. Како што современата уметност може да изрази момент, хаос или чувство преку боја и форма, така CAPA Atelier ја користи облеката за да го направи внатрешното доживување видливо и носливо.

Terziya ја донесе романтиката на самракот со „VESPERTINE“

Со „VESPERTINE“, Terziya ја пронајде својата инспирација во самракот, во мигот кога познатото станува мистериозно, силуетите омекнуваат, а имагинацијата го презема просторот. Втемелена во мрачниот романтизам, колекцијата ја истражува деликатната напнатост меѓу силата и ранливоста, воздржаноста и желбата, интимноста и дистанцата.

Палетата ја гради таа атмосфера преку длабока виолетова, црна и богати кафеави тонови. Виолетовата носи мистерија и сензуалност, црната тивок интензитет, а кафеавата земјена топлина. Суптилните златни акценти се појавуваат како последни траги од сончевата светлина.

Романтиката во „VESPERTINE“ е платонска и воздржана, изразена преку присуството и убавината на она што останува неизговорено. Ревијата беше поддржана од Dusha Winery.

A2 Atelier со „HER THORNS“ за нежноста што има сопствена сила

Анастасија Атанасовска отвори ново поглавје за A2 Atelier со „HER THORNS“, колекција која ја опишува како своја досега најсложена и најпосветена на деталите. Целосно рачно изработени, парчињата ја ставаат во преден план работата зад конечниот изглед, часовите посветеност, прецизноста и вниманието кон секој детаљ.

Инспирирана од симболиката на розите и нивните трње, колекцијата раскажува за жена чија убавина ги опфаќа и нежноста и способноста да се заштити. Трњето е суштински дел од нејзиниот карактер и посебност.

Преку оваа симболика, „HER THORNS“ ја истражува женственоста како сложена целина, во која мекоста и одлучноста постојат заедно. Рачната изработка ѝ дава материјална форма на таа приказна, поврзувајќи ја личната порака со занаетчиската посветеност.

Warm Metal со истражување на маицата и природата на облеката

Warm Metal го насочи вниманието кон маицата, едно од најпознатите и најсекојдневни парчиња во гардеробата. Претставувањето, најавено како студија за маиците и природата на облеката, го постави овој едноставен предмет во центарот на авторското истражување.

Во контекст на издание посветено на модата и современата уметност, ваквата појдовна точка отвора простор да се размислува за облеката и надвор од нејзината вообичаена употреба. Што гледаме кога гледаме маица и што сè може да стане предмет на дизајнерско истражување во нешто што секојдневно го носиме? Со овој фокус, Warm Metal внесе поинаков агол во вечерната програма.

Alshar со „Living Canvas“ ја претвори облеката во живо платно

Втората вечер ја заокружи Силвија Михајловска со Alshar и колекцијата „Living Canvas“, инспирирана од модерната уметност, особено од апстрактниот експресионизам. Креациите добиваат улога на платно на кое формата и бојата се развиваат преку спонтан гест, слободна асоцијација и интуитивно создавање.

Емоцијата, енергијата и движењето се во средиштето на овој пристап. Дел од облеката е насликана од гостински уметници, со што соработката меѓу модата и сликарството станува составен дел од самите парчиња.

Покрај Михајловска, во „Living Canvas“ учествуваат Микица Трујкановиќ, Љубица Мешкова Солак, Лазе Трипков, Катерина Таневска, Нина Симовска, Марија Чепишева и Гоце Наневски, како и младиот уметник Михаил Костик. Нивните интервенции ја продолжуваат идејата за облеката како уметничко дело што се носи и се движи, давајќи ѝ на завршната ревија директна врска со музејскиот простор и со темата на ова издание.

Партнерите што ја поддржуваат 33. сезона

Генерален партнер на Fashion Weekend Skopje 33 е УНИБанка, која ја поддржува платформата во поврзувањето на модата со иновацијата, претприемништвото, уметноста и заедницата.

Официјален партнер е Perwoll Renew, Healthy & Tasty Partner е Coach Foods, партнер за нега е Kalinka, а официјален партнер за вода и освежување е Ladna. Партнер за шминка е AURA козметика, во соработка со СУГС „Димитар Влахов“.

Меѓу партнерите и поддржувачите на изданието се и Smidgin, Campari, Gordon’s Gin, Franck зелен чај, Dusha Winery, ZIA Jewelry, Proud to be Rare и Аманти паста.

Уште еден ден за средба со модата и уметноста

Триесет и третото издание на Fashion Weekend Skopje продолжува утре, недела, 1 ноември, со последниот програмски ден во Музејот на современата уметност во Скопје.

По ден во кој модата отвори прашања за грижата, ресурсите, авторството и соработката, публиката е поканета да ја проследи и завршната програма на ова издание.

Целосната програма и информациите за учесниците се достапни на официјалната веб страница https://fashionweekendskopje.mk/.

Фото: Ѓоргји Ристоски, Горан Бошковски

Споделете:
Реклама

Најнови на Турлитава