Првите делумни резултати од гласањето во четири региони под контрола на Русија во Украина покажуваат дека огромно мнозинство од над 96 отсто од гласачите поддржуваат приклучување кон Русија, пренесува РИА Новости.
Гласањето беше организирано во период од пет дена во Доњецката и Луганската народна република (ДНР, ЛНР), како и во регионите Запорожје и Керсон, кои заедно сочинуваат околу 15 отсто од територијата на Украина.
РИА наведува дека првичното пребројување покажува дека мнозинството се движи од 96,97 отсто во областа Керсон, врз основа на 14 отсто од преброените гласачки ливчиња, до 98,19 отсто во областа Запорожје, врз основа на 18 отсто од преброените гласови.
Во ДРН и ЛНР мнозинството за приклучување кон Русија е на ниво од нешто помалку од 98 отсто, а преброени се 14, односно 13 отсто од гласовите.
Претседателката на Советот на Руската Федерација, Валентина Матвиенко изјави дека во случај резултатите од референдумот да бидат позитивни, ова тело би можело да размисли за приклучување на споменатите области кон Русија на 4 октомври.