Меѓу поважните есенски празници поврзани со домашните слави се вбројува Митровден – денот посветен на светиот великомаченик Димитриј Солунски, наречен уште и чудотворец и мироточив.
Празникот, познат меѓу народот како Митровден (или Митроен), се одбележува на 8 ноември според новиот календар, односно на 26 октомври според стариот. Токму тогаш завршува летниот и започнува зимскиот дел од годината. Бидејќи во овој период се завршени полските работи, денот е пократок, а времето студено, народот вели дека со Митровден настапува зимата. Оттука и познатата македонска изрека: „Дојде ли Митровден – чекај си Ѓурѓовден“.

Свети Димитриј е роден во Солун во третиот век. Тој бил единствен син на солунскиот војвода. По смртта на својот татко, царот Максимијан го назначил на неговото место и му наредил да ги гони христијаните. Но наместо тоа, Димитриј отворено ја исповедал својата вера во воскреснатиот Христос и ја проповедал меѓу народот. Кога царот дознал, лично дошол во Солун за да го испита случајот. Го повикал Димитриј, кој не ја порекнал својата вера, туку храбро му зборувал за вистината и го убедувал во бесмисленоста на идолопоклонството. Разгневен, Максимијан го фрлил во затвор, а по неколку дена наредил да биде погубен. Верниците го погребале неговото тело со голема почит, а на тоа место подоцна била изградена мала црква, која со текот на времето прераснала во голем храм. Денес, таму во Солун се чуваат неговите мошти, познати по чудотворно мироточење.
На овој ден именден слават: Димитрија, Митре, Димо, Димко, Димана, Димка, Мите, Димитрина, Митра и други имиња изведени од името на свети Димитриј.





