Меѓу поголемите есенски празници поврзани со домашни слави спаѓа токму празникот Митровден што се празнува во спомен на светиот великомаченик Димитриј Солунски, наречен уште и чудотворец и мироточив.
Овој празник меѓу народот е познат како Митровден (Митроен) и се празнува на 8. ноември според новиот (или на 26 октомври според стариот) календар. Тогаш завршува летниот и започнува зимскиот период од годината. Поради собраните плодови, значително намалениот ден, студеното време и сл. се вели дека со Митровден започнува зимата. Оттука и македонската народна пословица: „Дојде ли Митровден, чекај си Ѓурѓовден“.
Свети Димитриј се роди во Солун, во третиот век. Беше син единец на солунскиот војвода. По смртта на татко му, цезарот Максимијан го постави Димитриј на истото место и посебно му препорача да ги гони христијаните. Меѓутоа, Димитриј не само што не ги гонеше, туку и јавно ја исповедаше и проповедаше верата во воскреснатиот Христос. Штом слушна за тоа, цезарот, враќајќи се од еден поход, сврати во Солун, за да ја испита работата. Го повика Димитриј, кој не ја одрекуваше својата вера и дури и го убедуваше цезарот во бесмисленоста на идолопоклонството. Максимијан се разгневи и го фрли Димитриј во затвор, а по неколку дена и го погуби. Некои христијани го земаа неговото тело и чесно го погребаа. На тоа место подоцна беше подигната црквичка, а после и голема црква, која до ден денес се наоѓа во Солун. Таму се сместени и неговите мироточиви мошти. За многу годин и името у денот.
Именден празнуваат: Димитрија, Митре, Димо, Димко, Димана, Димка, Мите, Димитрина, Митра…