МАКЕДОНИЈА

Денеска е Велики петок – најтешкиот ден во годината

Велики петок или Велипеток – ден од Страдалната седмица, христијански празник на денот кога е распнат Исус Христос. Овој ден е посветен на спомнувањето на осудувањето на смрт, Крстните страдања и смртта на Спасителот.

Велики петок

Велипеток познат и како Распет петок, се празнува со свети литургии и принесување на бескрвна жртва, со читање извадоци од евангелијата од делот кој ја опишува неделата на страдањата на Синот божји.Времето на смртта и симнувањето на телото Христово од крстот во Црквата се одбележува со вечерно богослужење и со посебен ритуал на изнесување на покривката, на посебно украсена маса пред олтарот кој го симболизира гробот на Христос. Потоа трипати се обиколува црквата со покривката што го симболизира Исусовото погребување придружено со звуци на тропала. Црвената прекривка на која се извезени слики од Господовото страдање стои пред олтарот и се целива до денот на неговото воскресение. Обичај е на тој ден да се вапсаат велигденски јајца во црвена боја, која со симболичка смисла ја претставува невино пролеаната крв на Христос. Според христијанското учење, страдањето му претходи на воскресението, а без страдање и смрт нема воскресение.

Православниот канон за Велипеток предвидува строг пост со вода, а многу верници на тој ден не пијат, ниту јадат до зајдисонце. За овој ден Црквата пропишува најстрог пост, денот да помине без јадење и пиење (освен за немоќните и престарените), во знак на таговно сеќавање на настаните од она време. Покрај постот, на денот на христијанската жалост не се работи по дома, ниту на поле. Камбаните не се огласуваат сè до недела, кога за првпат ќе удри ѕвоното за радоста на Христовото воскреснување.

Напишете коментар

Back to top button
close