СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ е платформа креирана од дискографската куќа „ПМГ Рекордингс“ од Скопје, со мисија да детектира, ангажира и промовира квалитетни автохтони младински движења, музички бендови, диџеи и поединци од Македонија. Активностите на платформата се во организација на дискографската куќа „ПМГ Рекордингс“ и здружението „Крај Вардарот“.
Концептот на платформата е да ги препознае прогресивните и креативни млади луѓе, кои со своето творештво и делување во јавната сфера промовираат напредни вредности. Младите денес се граѓани на светот, а својот профил го градат преку образование, комуникација и соработка во локален, европски и глобален контекст.
Соочени со предизвикот дека не постои соодветна средина за развој, подобар квалитет на живот и актуализација на вредностите кои тие ги застапуваат, СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ ќе им отвори шанса да бидат вреднувани за да можат да напредуваат и ќе ги мотивира да останат да живеат во земјава.
Платформата започнува со активности овој викенд со два музички настани во едукативниот културен центар „Лабораториум“ во центарот на Скопје.
Во петок, 26 јануари, во 21 часот, со концерт во живо ќе се претстави бендот „Црно собрание” од скопската гимназија „Никола Карев” развиен како дел од проектната активност (училишни бендови) на Емилија Ристановска. Покрај неколку настапи во Скопје, бендот минатата година одржа и концерт во Белград, во „Дом Омладине“, на регионалната смотра на средношколски бендови „БГ Инвазија”.
Во сабота, 27 јануари ќе се реализира дневна клупска забава (Newcomers Day Rave) во соработка со најмладиот урбан колектив кој промовира млади таленти од македонската електронска сцена „ОВЦ Колектив (OVC Kolektiv) на која ќе настапат четири диџеи од колективот. Младите ќе можат да танцуваат од 12 до 17 часот на единствената од ваков тип дневна клупска забава.
Настаните на платформата редовно ќе бидат објавувани на креираните страници на Инстаграм и Фејсбук:
https://www.instagram.com/silata.eu.mladite/
https://www.facebook.com/profile.php?id=61555651569339
Замислена како квалитетен пресек на најубавата и најпаметна македонска младина, платформата ќе биде генератор и иницијатор на дружење и (интер)генерациска, креативна и конструктивна соработка за подигнување на квалитетот на животот на младите, преку нивно динамично ангажирање во областа на културата и уметноста.
СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ во следниов период најавува серија различни културно-уметнички настани, кои ќе се документираат ќе ги поддржат и презентираат современите движења и продукцијата на младите денес.
Најголем дел од програмата ќе опфати различни формати на целовечерни и дневни музички настани преку серија концерти, клупски вечери и специјализирани диџеј сесии и ќе се направи пресек на младинската музичка сцена и нејзините придвижувачи во полето на современата рок, поп и електронска музика. Програмата предвидува и меѓународни гостувања од Србија и Англија.
Во насока на документирање и издавање македонска музика, платформата ќе понуди две нови музички изданија за ПМГ Рекордингс. „Поп Култура“ е албум-компилација која ќе излезе на винил и е пресек на современата поп продукција на млади македонски музичари. Компилацијата претставува значаен историски документ, запис за времето и квалитетот на оваа сцена, а ќе биде издадена на винил – докажано најквалитетниот аналоген носач на звук и се уште најценетиот во светот на музиката, што е куриозитет на домашната сцена. Свој прв аудио запис ќе добие и средношколскиот музички состав „Црно Собрание“ како дигитално издание.
Платформата ќе понуди и дискусии и поткасти за да се степенува важноста на интересите, потребите, предизвиците и вредностите кои ги тангираат надоаѓачките генерации.