Венеција од следниот април ќе започне со тестирање на воведувањето дневни билети и ограничување на пристапот на посетителите до нејзините познати канали, како дел од, како што рече градоначалникот на овој италијански град Луиџи Брунјаро, првата ваква практика во светот.
Целта на овој потег е да се управува со протокот на туристи за време на пролетните државни празници и некои летни викенди кога бројот на посетители е на врвот, соопштија локалните власти на прес-конференција, а пренесува Ројтерс.
– Првпат во светот правиме вакво нешто, го правиме градот резервиран – рече Бруњаро. Ограничувањата ќе важат од 08:30 до 16:00 часот по локално време, првично за вкупно 29 дена и ќе ги опфатат повеќето викенди од 25 април до средината на јули следната година.
Туристите ќе треба да ја резервираат својата посета преку Интернет и да платат пет евра за да добијат QR-код што ќе се проверува на одредени влезни точки и ќе им овозможи пристап до историските области на градот.
Ограничувањата нема да важат за помалите острови во лагуната, како што е Мурано, познат по својата индустрија за производство на стакло. Санкциите за оние кои нема да ги почитуваат мерките ќе се движат од 50 до 310 евра. Жителите и луѓето кои се родени во Венеција, како и студентите, работниците и сопствениците на куќи во градот ќе бидат ослободени од плаќање и резервирање места, рече советникот Микеле Куин.
Посетителите помлади од 14 години ќе треба да бидат регистрирани, но нема да плаќаат билети. Се проценува дека тестирањето за воведување на дневен билет ќе чини три милиони евра, додека во исто време се очекува приходите да изнесуваат околу 700.000 евра.