КУЛТУРА

Уметнички инсталации на Мирчевска и Алексовски, дел од проектот „Сегашно минато“ на Гете-институтот од Југоисточна Европа

На 13 октомври, во 17 часот, во кафе – книжарницата „Буква“ во центарот на Скопје под менторство на познатиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ ќе биде промовиран проектот „Сегашно минато“/Present Past. Со уметнички инсталации ќе се претстават македонските уметници Ивана Мирчевска и Дарко Алексовски. На еднодневниот настан предвидена е и музичка изведба и учество на двајца млади актери.

Настанот е дел од регионален проект на Гете-институтите од Југоисточна Европа. Се состои од три „модули“ и конечно обединување, а проектот „Сегашно минато“ како еден од модулите е координиран од Гете-институтот во Хрватска, во соработка со Гете-институтите од Белград, Сараево и Скопје.

Уметничката инсталација „Daydream Concrete Utopia“ на Алексовски е интервенција во јавен простор, измислен наратив со низа измислени знамиња како јавни знаци за непозна утопија. Уметникот ја истражува врската помеѓу јавните простори и симболи, а знамињата како означувачи на замислено место се субверзивен обид да се преиспита како се паметат местата и дали се забораваат, како се замислуваат или остануваат нешто непознато, нешто кон кое можеме само да се стремиме.

Интерактивната јавна скулптура „Gossips on the futurе“ на Мирчевска, се состои од цилиндричен објект (зоотроп) во кој се поставени слики. Брзото вртење на сликите создава илузија на континуирано движење на пејзажот. Авторката прави обид да креира собирен простор за локалната заедница и со тоа да стимулира нови форми на социјална кореографија.
Преку различни уметнички формати, „Сегашно минато“ ги разгледува културните и политичките односи во дел од поранешните југословенски држави: Босна и Херцеговина, Хрватска, Северна Македонија и Србија. Замислен е како низа уметнички реакции на тема сегашност/минато, кои се инспирираат и надополнуваат, создавајќи верижна реакција.

Во секоја земја работилниците се организираат под менторство на докажани автори. Па така во Република Северна Македонија уметничка работилница е под менторство на Јовановиќ, во Босна и Херцеговина се реализира работилница за фотографија со фотографот Зијах Гафиќ, во Хрватска работилница за раскази со писателот Зоран Жмириќ и во Србија работилница за стрип со Саша Ракезиќ – Зограф.

Проектот се занимава со транзицијата на просторот на поранешна Југославија и нејзиниот одраз во културата, како и со широкиот и често стереотипизиран концепт на Балканот. Земјите од Југославија имаат долга заедничка историја, а процесите на транзиција различно се манифестираат од деведестите години до денес. Со растојание од триесет години, сè уште чувствувајќи ги последиците од тие големи промени, се отвора дијалог да се истражи блиската врска помеѓу минатото и сегашноста.

Проектот „Сегашно минато“ го истражува нашето разбирање за минатото и поврзаноста меѓу земјите од поранешна Југославија преку уметнички работилници и меѓусебна соработката. Целта на работилниците е да се размислува за транзицијата, која се случи во секоја од земјите, во секој аспект од неа: социјален, економски, интелектуален и емоционален.

Идејата е финалните дела создадени на работилниците да ги инспирираат учесниците за идни заеднички проекти.

Subscribe
Notify of
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
Back to top button
close