Младата и талентирана Тамара Ангеловска (23), веќе пет години живее и работи во Бугарија како оперска певица и актерка. Почетоците со музиката ги направи во Македонија. Заврши нижо и вишо музичко училиште како флејтист, а во истовреме се занимаваше со пеење. Образованието го продолжи на студии на Новиот Бугарски Универзитет како оперска певица, мастер на актерска глума и драмски уметности.
„Мојата мајка е голем љубител на уметноста, иако не се занимава со тоа. Благодарение на неа, уште од седумгодишна возраст посетувам опера и ми остави впечаток начинот на актерската игра, истовремено и музиката. Со помош на врвните професори сфатив дека имам талент и решив да си го насочам патот кон операта”, раскажа Тамара за Репортер.
Покрај талентот за пеење и глума, таа се пронаоѓа во операта како нејзина примарна професија. Тамара има и филмско искуство. Се појави во две телевизиски бугарски серии кои ѝ донеле поразлично искуство од театарското.
„Многу вредно искуство затоа што првпат се сретнав со кинематографијата. Во тој момент немав никаква идеја како е на сет, затоа што е многу поразлично од тоа што го нуди театарот. Добив понуда за кастинг, го поминав успешно и се најдов во улогата на бремената Тања во телевизиската серија ‘Украден живот’ која се прикажуваше и кај нас во Македонија. Потоа имав улога како агент во телевизиската серија ‘Браќа'”, вели Тамара.
Со воодушевување зборува за Софија каде сега живее , бидејќи таму одблизу се запознала со оперското мајсторство и инструменталната музика. Кога е таму најмногу ѝ недостасуваат семејството и пријателите. „И таму стекнав круг на пријатели, но ништо не може да го замени домот”, рече Тамара.
Како Македонка која живее среде главниот град на Бугарија вели дека пријателите со кои комуницира секојдневно се однесуваат прекрасно со неа и засега не се соочила со некаков политички проблем.
Во Макединија немала понуди за да глуми во филм или театар, но смета дека тоа се должи затоа што ретко доаѓа во тука и ретко се движи во тие кругови.
За мекедонската оперска певица и актерка која гради кариера во Бугарија, гледајте го интервјуто.