Прескокни до содржината

Среда, 18 ноември 2026

Маркетинг
Реклама
Најнови

Ѓорѓиевска од АЛКА: На малите семејни бизниси во руралниот туризам им треба достапно финансирање

Порака на денотПорака

За речиси 80 отсто од руралните туристички субјекти опфатени со анализата на проектот Energy Wise, трошоците за енергија се значаен товар, а повеќе од половина од нив сè уште не користат обновливи извори. На Националниот форум за зелен туризам, што се одржа вчера во Europe House во Скопје, учесниците побараа подостапно финансирање, поедноставни постапки за аплицирање и стручна помош за малите туристички бизниси што сакаат да инвестираат во енергетска ефикасност и обновливи извори.

energy wise 02

Реклама
IMG_20261104_145921_204

„Со Форумот го заокружуваме проектот Energy Wise, но не и работата. Давателите на услуги во руралниот туризам сакаат да инвестираат во енергетска ефикасност и во обновливи извори на енергија”, изјави Елизабета Ѓорѓиевска од АЛКА.

На форумот беше претставен и прирачникот Energy Wise на македонски, албански и англиски јазик. Биљана Черепналкобска ги презентираше мерките што ги опфаќа прирачникот, од решенија без трошоци до поголеми инвестиции, како и информациите за можностите за финансирање.

energy wise 04

Елизабета Ѓорѓиевска од АЛКА и Бесир Дерњани од Фондацијата Албиз ги претставија резултатите од анализата, практичната обука за даватели на услуги, жени и млади, одржана во септември во комплексот „Македонско село”, и повелбата Energy Wise Eco-Steward. Со повелбата, давателите на услуги доброволно се обврзуваат одговорно да ги користат енергијата и водата.

„Замислете семејство што води мал пансион. Кога ќе ја погледне сметката за струја, сака да знае што може да смени, колку ќе го чини и колку би заштедило. Ако има со кого да ги провери тие бројки и може да аплицира за финансирање со постапка што му е јасна, полесно ќе одлучи која инвестиција може да ја направи. Затоа на малите семејни бизниси им требаат и стручна помош и достапно финансирање. Така можат да изберат решение што одговара на нивниот објект и на нивниот буџет”, додаде Ѓорѓиевска.

energy wise 03

Во панел-дискусијата за зелен рурален туризам учествуваа Здравко Стефановски, технички експерт за енергетска ефикасност и обновливи извори, Блерант Рамадани, истражувач во областа на одржливата енергетика, Александар Калиников од Министерството за култура и туризам и Наум Налбанти од „Крушевска Одаја”. Меѓу препораките на форумот беа и институционална и донаторска поддршка за примена на успешните практики во други рурални средини и развој на зелени дестинации. Како пример беше посочено Крушево, вброено меѓу 100 зелени дестинации во рамките на иницијативата Green Destinations.

Форумот собра над 60 учесници од целата земја, меѓу кои даватели на туристички услуги, претставници на општини, институции и граѓански организации, експерти и донатори. Го отвори Ана Зафирова, а на присутните им се обрати и Емили Бло од Амбасадата на Франција.

Форумот беше завршна активност на Energy Wise, проект што Центарот за одржлив развој АЛКА и Фондацијата за развој на образованието и културата Албиз го спроведуваат во руралните општини на Скопскиот плански регион. Проектот е поддржан од програмата BOOST Balkans, која ја спроведува Европската асоцијација за локална демократија (ALDA) со финансиска поддршка од Француската агенција за развој (AFD).

Споделете:

Порака на денот

Една порака, само за вас, секој ден нова. Што ви пишува денес?

Реклама

Најнови на Турлитава

Реклама
IMG_20261104_145928_566