Тринген, Швајцарија — Во неделата, на 20 септември, Неговото Преосвештенство епископот Делчевско-каменички г. Марко го посети храмот посветен на „Свети Наум Охридски“ во Тринген, Швајцарија, кој е во состав на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.

Во храмот, епископот г. Марко беше срдечно пречекан од старешината на храмот, протопрезвитер Горан Мантароски, заедно со членовите на црковниот одбор и со бројните верници Македонци, кои беа пристигнати од повеќе краишта на Швајцарија.
Посетата помина во духот на братската љубов, меѓусебното почитување и добриот разговор. Во своето обраќање, епископот г. Марко истакна дека за првпат го посетува овој храм и изрази особена радост и восхит од неговата убавина и уреденост, како и од единството и сложноста на македонскиот народ кој се собира на ова свето место.
На присутните верници епископот г. Марко им посака од Господа телесно здравје, духовна радост, мир и спасение, а со молитва и благослов им порача нивниот храм и црковната заедница и понатаму да бидат место на единство, љубов и молитва.





