КУЛТУРА

Прилепскиот театар со премиерна изведба на „Мистерија Буфо“

Утревечер од 19:30 часот на матичната сцена на прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ ќе биде изведена последната премиера од годинашнава програма, „Мистерија Буфо“ според Дарио Фо во режија на Андреј Цветановски кому ова му е прва професионална соработка со прилепскиот ансамбл.

Мистерија Буфо

Претставата е според приказни на Фо од средновековието и во фокусот на поголемиот дел од сцените е обичниот човек кој се буни и ја критикува состојбата во која се наоѓа, слично и во средновековието и денес.

Овој театар за мене има фамилијарна вредност. Татко ми повеќепати работеше со прилепскиот ансамбал. Тој дух на неговата работа беше присутен во процесот на работа на претставата. Посебно е задоволството на работата со ансамблот кој игра до крај и докрај ѝ се радува на театарската игра. А тоа е многу битно, според мене, за создавање добра претстава. Претставата е вруток и мешавина на многу емоции и низ неколку приказни кои ги напишал Дарио Фо според мистериите како жанр на средновековниот театар, направивме радосна претстава. На таа радост во играта се темели претставата. Се надевам дека ова е почеток на едно прекрасно пријателство, додава режисерот Андреј Цветановски.

Сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимите се на Марта Дојчиновска, а драматург и задолжена за преводот е Лидија Митоска Ѓорѓиевска.

Играат: Наташа Ачански, Илија Волчески, Димитар Ѓорѓиевски, Михајло Миленкоски, Ангела Наумоска, Марија Спиркоска – Илијески, Александар Тодески, Димитар Црцороски.

Subscribe
Notify of
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
Back to top button
close