КУЛТУРА

Француска вечер и „Немаме резервна планета“ денеска на „Охридско лето“

Музичко-сценскиот перформанс „Немаме резервна планета“ и француска вечер со Квартетот „Агат“ од Франција вечерва на фестивалот „Охридско лето“.

Најмладата пубика во рамките на фестивалското издание ќе има можност да ужива со 5+ бендот и јунаците од 5+ фамилија на сцената „Долни Сарај“ со почеток во 19 часот. Настанот е во продукција на ОХО, во режија на Сандра Ѓоргиева. Играат: Игор Ангелов, Ивана Павлаковиќ, Сара Климоска, Марија Кондовска, Чедомир Митевски, Дамјан Цветановски, Матеа Јанковска, Изабела Јакимова, Стефан Николовски.

Музичко-сценскиот перформанс „Немаме резервна планета“, како што информира националната установа „Охридско лето“, на децата и нивните родители ќе им пренесат неколку важни и итни пораки околу развивањето на свеста за здрава животна средина, човечкото влијание врз нејзиното зачувување и уништување, позитивни примери во борбата за климатските промени и ќе потсетат дека немаме резервна планета и дека наша одговорност е оваа во која постоиме да ја зачуваме.

Квартетот „Агат“ ќе настапи во катедралната црква „Света Софија“. Во него членуваат виолинистите Адриен Јуркович и Тома Декан, виолончелистот Симон Јашеме и Рафаел Пањон на виола.

Квартетот „Агат“ е формиран во 2016 година, а неговите членови студирале на високата школа за музика „Ханс Ajслер“ во Берлин, во класата на Еберхард Фелц и на Парискиот конзерваториум под менторство на Матју Херцог и Лук-Мари Агуера. Во 2021 година се добитници на меѓународната награда на Фондацијата за млади класични музичари во Лондон (YCAT). Годинава дебитираат во престижниот „Вигмор Хол“ во Лондон и остваруваат рецитали на фестивалот во Вербие, во новата „Таубер“ филхармонија во Вајкерсхајм, на фестивалот „Мекленбург-Форпомерн“, заедно со Квартетот „Ебене“ на фестивалот „Музички столици“, и на повеќе значајни фестивали во Франција како на Фестивалот „ Ноќ на квартети“ во Париската филхармонија и во Брукнерхаус во Линц (Австрија).

Subscribe
Notify of
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
Back to top button
close