Михаил Парушев, тапанар и композитор, оваа година слави 40 години јубилеј од првиот настап. Во неговата долга и плодна кариера бил член на легендарните македонски групи Талични Том, Сет, Октавијан,
Архангел, Влатко Стефановски Трио, а во 1999 година, заедно со Ѓоко Грујовски,Иван Бејков и Емин Џијан ја формираат групата Проект Жлуст. Парушев, во 2001 година се сели во Загреб и почнува да свири со врвни музичари од Хрватска и Словенија. Од 2010 година е член на Леб и Сол, а паралелно работи на својот авторски проект Парусион груп. Со поддршка на Министерството на култура, во 2022 година го издава првиот соло албум „Агол“.
Михаил Парушев четриесетгодишниот јубилеј ќе го прослави во Станица 26, на 4 октомври. Публиката ќе има можност да слушне нови вокално инструментални фанк њу поп-џез композиции во изведба на веќе етаблирани музичари: Зоран Костадиновски гитара, Јован Цветковиќ пијано, Иван Бејков бас, Трајче Велков труба, Петар Колевски саксофон и Петар Христов сопран саксофон. Драган Трајковски и младата Елена Васова ќе настапат како вокални солисти.
Специјален гостин на концертот е познатиот гитарист Димитар Божиков. Концертот „За арно за убаво“ на Парусион груп е поддржан од министерството за култура на РСМ.