Култура

„Господа Глембаеви” од ЦНП гостуваат во Македонскиот народен театар

По потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу Македонскиот народен театар и Црногорско народно позориште, на големата сцена во МНТ, на 17 март во 20:00 часот, ќе гостува претставата „Господа Глембаеви” во режија на Данило Маруновиќ, по текст на Мирослав Крлежа, а во продукција на ЦНП.

Господа Глембаеви

Во претставата играат: Светозар Цветковиќ, Кристина Обрадовиќ, Мишо Обрадовиќ, Уна Лучиќ, Данило Чечебиќ, Павле Прелевиќ, Емир Ќатовиќ, Стеван Вуковиќ, Кристина Мркиќ и Предраг Павиќевиќ.

Господа Глембаеви

Режисерот Данило Маруновиќ изразува големо задоволство што имал можност да го постави ова култно дело на Крлежа, токму на сцената на Црногорското народно позориште. Тој ќе каже: „Првпат ја прочитав драмата на Крлежа, ‘Господа Глембаеви’, како средношколец и се заљубив во неа. Повеќе од една деценија барав можност да ја поставам „Господа Глембаеви” и сега кога дојде таа шанса, дури тогаш сфатив колку е, всушност, (освен некоја основна театарска и уметничка одговорност) присутна одговорноста Крлежа да го реализираш во дешифриран код на сегашноста, а да не отидеш предалеку од него.”

Господа Глембаеви

Маруновиќ забележува дека драмата денес е уште поактуелна отколку кога е напишана, и успешно го вткајува во неа актуелниот општествено-политички контекст.

Драматург е Божо Копривица, адаптацијата е на Бојана Мијовиќ и Данило Маруновиќ, кој го направи и изборот на музиката, сценограф е Валентин Светозарев, костимограф е Вања Цирај-Џуџа. Сценските движења ги направи Тамара Вујошевиќ-Мандиќ, сценскиот говор е на Дубравка Дракиќ, а извршен продуцент е Нела Оташевиќ.

Господа Глембаеви

„Господа Глембаеви” премиерно беше изведена на 17 декември 2024 година и наиде на позитивен одзив од страна на црногорската публиката, а ова е прво нивно гостување. Македонската публика ќе биде во можност, по речиси десет години, повторно да ги гледа актерите од Црногорското народно позориште.

Нашата публика ги помни трите постановки на „Господа Глембаеви” во продукција на МНТ. Повозрасната публика буди спомени од првата, која беше реализирана 1955 година, во режија на Раша Плаовиќ, потоа постановката во 1974 година во режија на Владимир Милчин и последната од 1996 година, во режија на Љубиша Георгиевски со над 150 изведби.

Господа Глембаеви

Билетите се пуштени во продажба на билетарницата во МНТ, а достапни се и онлајн. Цената на билетите за партер е 1000 денари и може да се купат онлајн како и на билетарницата, додека цената за прва галерија е 800 денари, а за втора галерија е 600 денари и истите публиката може да ги купи само на билетарницата во МНТ.

Напишете коментар

Back to top button
close