КУЛТУРА

Бугарската писателка Оља Стојанова-Џакова на книжевна резиденција во Скопје

Во рамките на резиденцијалната програма на издавачката куќа „Готен“, поддржана од европската мрежа за превод и книги „Традуки“, на книжевна резиденција во Скопје во октомври престојува писателката од Бугарија, Оља Стојанова-Џакова.

Оља Стојанова Џакова

Во текот на својот резиденцијален престој Оља Стојанова-Џакова ќе настапи на книжевниот фестивал „Букстар“, каде што заедно со писателот и режисер Петер Денчев ќе биде дел од настанот „Нова бугарска книжевност“, а исто така ќе учествува и на читањето што во рамките на фестивалот ќе се одржи во библиотеката „Браќа Миладиновци“ во Скопје. Во текот на октомври Стојанова-Џакова ќе има можност подобро да се запознае со македонската книжевна сцена остварувајќи средби со писатели, преведувачи и уредници од Македонија.

Оља Стојанова-Џакова (1977) е прозаистка, поетеса и драмска писателка. Дипломирала новинарство на Универзитетот во Софија, каде што и докторирала на тема од областа на новинарството и масовната култура. За поетската книга „Улицата Среќа“ ги добила наградите „Николај Канчев“ и „Иван Николов“ за најдобра збирка поезија. За драмите „Покана за вечера“ и „Бојата на длабоките води“ ја добила наградата „Аскер“ за најдобар драмски текст. Работи како новинар во Бугарското национално радио.

Резиденцијалниот престој на Оља Стојанова-Џакова во Скопје е поддржан од европската мрежа за превод и книги „Традуки“.

Напишете коментар

Back to top button
close