Вчера најновиот филм на Милчо Манчевски „Сестра, брат и шахта“ имаше блескава светска премиера во натпреварувачката програма на 39. Меѓународен филмски фестивал во Токио, фестивал од А-категорија.
„На Токио му дадовме шахта, а си земавме суши. Фер. Публиката дишеше со филмот. Се радувам што вака убаво го пуштивме во свет“, изјави по проекцијата, Манчевски од Токио. По премиерата, режисерот и главните актери од филмот Сара Климоска и Филип Трајковиќ учествуваа и на разговор со публиката, јапонските и меѓународните медиуми. По премиерата на „Сестра, брат и шахта“ закажани се и дополнителни проекции на 2 и 3 ноември.
Филмот беше извонредно пречекан од токиската публика. „Бев одушевена да видам ваква ентузијастичка реакција од гледачите“, изјави Кјоко Хирано, посетителка на премиерата. Гледачите кои поставуваа прашања потенцираа колку емотивно го доживеале филмот, колку е необична приказната и колку ги восхитила глумата. Разговорот го водеше легендарниот уметнички директор на фестивалот Шозо Ичијама. На почетокот тој се осврна на извонредните уметнички квалитети на филмот, кои го навеле да го покани на фестивалот, како и на социјалниот аспект на приказната. Прашањата на публиката беа многу специфични и конкретни, се однесуваа на детали од режисерската и актерската постапка и на пошироката тема на филмот, повторно со пофалби за необичниот пристап.

Сепак, аплаузите не беа крајот на премиерната вечер. По проекцијата и сесијата разговори, надвор од салата, пред Манчевски и актерите се формираше долга редица фанови, кои трпеливо чекаа за автограм и фотографија. Цел еден час нашите уметници потпишуваа автограми и се фотографираа со фановите, кои не брзаа да го напуштат нивното друштво. Некои од нив ги имаа испечатено плакатите од постарите филмови на Манчевски, „Пред дождот“, „Прашина“ и „Кајмак“ или ДВД изданија и бараа потпис на нив.
За главниот актер во филмот, Филип Трајковиќ, Токио е местото од кое Виктор и филмот го започнуваат своето патување низ светот: „Пресреќен сум што ликот на Виктор првпат си го покажа лицето токму во Токио и тукашната публика прва се запозна со него. Се надевам дека ќе продолжи да патува и ќе стане граѓанин на светот. Виктор го заслужува тоа.“

Главната актерка во филмот Сара Климоска, која меѓународните медиуми ја нарекоа ѕвездата на филмот, вели:„Милчо пак ме расплака.“ За ликот што го толкува, рече: „Малина ми е многу, многу блиска. Преку неа истражив многу човечки искуства, емоции и противречности. Ме збогати. Благодарна сум што бев дел од оваа приказна.“
Премиерата во Токио е многу важна за меѓународната видливост на новиот филм на Манчевски, истакна првиот човек на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, кој замина за Токио да ја поддржи нашата филмска екипа: „Светската премиера на Манчевски во Токио е уште една потврда дека во современа Македонија, филмот е нашиот најгласен, најсилен и најуспешен културен промотор. Преку нашите филмови, приказните, јазикот и авторскиот глас стигнуваат до публиката ширум светот. Затоа, Агенцијата за филм иницира промени насочени кон зголемување на филмскиот буџет и создавање подобри услови за работа на филмските работници. Милчо по четврти пат нè претставува на Токискиот филмски фестивал. Им честитам и нему и на целата екипа за премиерата во Токио и им посакувам филмот да продолжи да го привлекува вниманието на меѓународната публика и да бележи успеси на светската филмска сцена.“
Затоа Агенцијата за филм иницира промени насочени кон зголемување на филмскиот буџет и создавање подобри услови за работа на филмските работници.
Манчевски и дел од филмската екипа присуствуваа и на отворањето на фестивалот и продефилираа по црвениот килим. Есенскиот дожд не успеа да го намали ентузијазмот на стотиците обожаватели и светските медиуми, кои ги пречекуваа филмските ѕвезди во токискиот кварт Хибија на отворањето на фестивалот.
Покрај Манчевски, Климоска и Трајковиќ, на премиерата присуствуваа и продуцентот Јане Ќортошев и партнерите од Бугарија, Италија и Велика Британија, Галина Тонева, Лудовико Кантисани и Ју-Фаи Суен.
„Промовирајќи го својот деветти филм, Манчевски најде импровизирано решение за дождот, позирајќи на несекојдневен начин, со шахтата, која е реквизит од филмот, за да се заштити од дождот“, напиша Холивуд репортер.
На прашањето што значи овој предмет, тој му објасни на Холивуд репортер: „Шахтите кои ги крадат нашите херои во филмот ја кријат нечистотијата на општеството и го одвојуваат финиот свет од подземјето. Братот и сестрата во оваа приказна опстојуваат токму меѓу тие две сфери на општеството“.
На отворањето присуствуваа бројни филмски ѕвезди, како и извршниот директор на Академијата за филмски уметности и науки, Бил Крамер. На фестивалот се очекува да пристигне и оскаровката Кејт Бланшет.
Беше одбележано и враќањето на Такео Хисамацу на функцијата директор на фестивалот. Тој е искусен филмаџија во јапонската индустрија. На забавата после отварањето, Хисамацу му пријде на Манчевски за да го поздрави и да го потсети дека на почетокот од кариерата бил директор на кино-дистрибуција во фирмата „Шочику“, јапонскиот дистрибутер на „Прашина“ и бил задолжен за пласманот на нашиот филм.
На церемонијалното отворање на ТИФФ беше прикажана и видео-порака од јапонската премиерка Санае Такаичи, која ја потенцираше улогата на филмот во поврзувањето на луѓето надвор од националните и културните граници и вети финансиска и секаква поддршка од владата за филмската индустрија. Јапонскиот министер за економија, трговија и индустрија, Рјосеи Акадзава ја истакна растечката меѓународна привлечност на јапонската забавна индустрија. Австралискиот режисер Ролф де Хер годинава претседава со главното натпреварувачко жири.
„Сестра, брат и шахта“ е чудна комедија за оние што имаат и оние што немаат – во исто време лута сатира и суптилна поема за брат и сестра, кои живеат на маргините на општеството. Филм за антихерои кој – во неповторливиот стил на Милчо Манчевски – отфрла секаква жанровска класификација, мамејќи и солзи и смеа. Иако се случува во денешна Македонија, филмот содржи универзално размислување за тоа како луѓето живеат и се поврзуваат во современиот свет. Ова е негов деветти долгометражен игран филм. Во 2026 година го реализираше и документарниот филм „Добри луѓе“, со што во иста година претставува два филма пред меѓународната публика.
Освен нашата Агенција за филм, филмот го помогнаа и националните филмски фондови и приватни инвеститори од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и Англија. Македонски компании и културни институции, кои несебично го поддржаа проектот се Дајнерс клуб, Тиквеш, Витаминка и Окта, како и Пелистерка, Специјал, Такси Глобал, Хотел Арка, Саманта, Мај принт, Македонскиот народен театар и Види Вака.
Главните улоги ги играат: Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, како и Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски.
Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукција. Директор на фотографија е маестро Стефано Фаливене од Италија. Кастинг директорка на филмот е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, шминката на Бистра Кечиџиева од Бугарија. Продуцент на филмот е Јане Ќортошев. Филмот се снимаше со меѓународна екипа на локации низ и околу Скопје. Копродуценти се: Гала филм од Бугарија, Сенс продакшн од Србија, Амаркорд продакшн и Аугустус колор од Италија, Беркли медиа груп од Англија и Тирана филм институт од Албанија.
Фото: ©2026 TIFF и приватна архива















