„Македонија се наоѓа во еколошка ‘шах-мат’ позиција, каде секој потег може да доведе до сериозни еколошки или природни катастрофи“, се вели во истражувањето на Институтот за комуникациски студии (ИКС) посветено на одржливиот развој на земјата. Ваквото предупредување треба да е знак за сите: за обичните граѓани, за компаниите, индустриите и институциите дека треба да бидеме особено внимателни и одговорни за нашата околина ако сакаме да живееме во чиста и здрава животна средина.
Извештајот на ИКС вели дека: „Борбата за подобра животна средина претставува борба со широк фронт, каде секој се обидува да придонесе онолку колку што може кон градење на подобро иднина“. Па, ајде да пробаме да го дадеме нашиот придонес и да видиме каде тоа ќе нѐ однесе. Нашата животна средина е и наша одговорност.

Дури 30-40% од целокупниот отпад што се исфрла во контејнерите е амбалажен отпад, како пластични и стаклени шишиња, лименки и картонски кутии, пластични фолии. Овој отпад може, но и треба, да биде селективно одложен и да заврши на рециклирање, наместо на депонија.
По големиот отпаден хаос кој го сведочевме во текот на летото во главниот град, се чини дека кај многу граѓани од земјава се разбуди еколошката свест и почнаа да стануваат позаинтересирани за тоа колку отпад создаваат и исфрлаат секојдневно, но и за тоа каде завршува нивниот отпад. Повеќето луѓе сфатија дека отпадот може да се селектира и да се одложи во посебен отпаден сад, во зависност од неговиот тип. Хартиениот отпад во сините контејнери кои ги поставува Пакомак, стаклениот отпад во зелените игло контејнери, а пластиката и лименките во жолтите коцкести контејнери или пак во Повратните вендинг машини (ПВМ).
Токму ваквите ПВМ, кои Пакомак ги поставува заедно со Швајцарската амбасада, го предизвикаа новиот бран на еко-свесни и одговорни граѓани кои активно одложуваат отпад преку нив. ПВМ се поврзани со мобилната апликација ЕкоМак, која за секое одложено парче отпад на корисникот му возвраќа „зелени поени“ што можат да се искористат за плаќање сметки, комунални трошоци или пак да ги донираат во добротворни акции.
Повратната вредност која граѓаните ја добиваат од ПВМ ги охрабри да се вклучат во процесот на селекција и да се заинтересираат за т.н. „пат на отпадот“, односно да ја разберат трансформацијата од една обична сировина во амбалажа, и од отпад повторно во сировина која може да се реупотреби. На некој начин, секој корисник на овие машини има двојна добивка: ем чиста околина, ем „зелени поени“.





