КУЛТУРА

Познати дела од класичната музика до композиции од хрватски автори ќе изведе Хрватскиот гитарски квартет утревечер во Скопје

Утревечер, во 20.30 часот, на големата сцена во Македонската филхармонија, во организација на платформата „За тебе“ за првпат ќе гостува „Хрватски гитарски квартет“ во состав: Зоран Дукиќ, Петрит Чеку, Марое Брчиќ и Твртко Сариќ.

HGK 6

„Со големо задоволство го најавуваме нашиот прв настап во Скопје. Нашата програма е идеална комбинација на познати дела од класичната музика до понови композиции претежно од хрватски автори. Некои од овие композиции се напишани само за нас за концертниот настап, а помеѓу другото, скопската публика ќе има можност да го слушне и познатото Фанданго од Луиџи Бокерини и неодамна компонираните Багатели од хрватскиот композитор Зоран Јураниќ, чиј втор став Онмаџо а Нино Рота сосема плени. Концертот ќе го завршиме со композиција на Астор Пјацола, што е големо задоволство и за нас што ја изведуваме, но и за сите што ќе имаат можност да ја слушнат. Бидејќи овој концерт е посветен на жената за крај од нашиот настап подготвивме и изненадување за сите дами. Со нетрпение го очекуваме Скопје и прекрасната акустика на салата во Македонската филхармонија, за која толку многу слушавме изминатиов период, велат музичарите од Хрватски гитарски квартет.

Инаку, новооформената платформа „За тебе“ се залага во континуитет да промовира атрактивна, пред се, музичка културна содржина и меѓународни гостувања на светски и регионални докажани музички артисти.

Концертниот настап на „Хрватски гитарски квартет“ ќе биде посветен на жената, како синоним на духовноста. Недвојбено, жената како гласот на мудроста, одмереноста, грациозноста, нежноста, стаменоста, храброста и истрајноста – жената како борец, хероина против неправдата, која исправено стои, борејќи се за социјални и општествени промени.

HGK 7

На програмата ќе бидат изведени дела од: Луиџи Бокерини, Антонио Вивалди, Астор Пјацола, Рафет Руди, Мирослав Милетиќ, Гордан Тудор, Сергеј Прокофјев и Зоран Јураниќ.

Гитарската четворка Зоран Дукиќ, Петрит Чеку, Марое Брчиќ и Твртко Сариќ го одржале својот прв заеднички концерт во 2016 година и оттогаш имаат отсвирено бројни турнеи низ Хрватска, Италија, Словенија, Чешка… вклучително и неколку премиерни изведби на дела од композитори како Викторија Чоп, Гордан Тудор и Зоран Јураниќ, како и настапи со Загрепските солисти и Вараждинскиот камерен оркестар. Ја добија наградата „Орландо“ на Хрватската радио-телевизија за нивниот концерт на фестивалот „Дубровничко лето“ во 2017 година. Од 2020 година, овој ансамбл настапува под името „Хрватски гитарски квартет“ и истата година го објавија албумот „Guitarrismo“ за „Кроација рекордс“, кој доби две номинации за „Порин“. Во 2022 година, објавија албум под името „Багатели за домашна употреба“ („Кантус“). „Хрватски гитарски квартет“ изведува дела од сите музички епохи, со посебен акцент на делата на хрватските композитори.

Концертното гостување се реализира со поддршка на „Смаргд 1969“, „Мерлин солушн“, „Гигабел“ и Why агенција.

Напишете коментар

Back to top button
close