На 02. септември во Kултурно-информативниот центар – Скопје ќе биде отворена концептуалната изложба на фотографии од Славчо Максимовски насловена „Убавите жени на мојот народ“.
Следејќи го академскиот пат на Славчо Максимовски низ мојата перцептивна призма преточена низ збор, неоспорна е забелешката за присуството на енергијата на жената, на женското тело и феминината природа во неговите дела. Создавана во најразлични форми, облици и состојби, транзитирана од фиктивно па се до реалното нејзино постоење, неговиот интерес за неа се уште претставува континуирана инспирација за себеискажување. Каков е женскиот развоен пат, сите сме свесни помалку или повеќе. Таков, каков што е претставен во песната Убавите жени на Блаже Конески за Славчо претставува мотив за создавање на овие дела. Неговиот мотив за видливоста на жената на нашиот народ претставува чекор проследен со аплауз, изјави Валентина Матовска.
Славчо Максимовски е роден во 1988 год. во Скопје, Р. Македонија. Во 2007 год. завршил средно уметничко училиште, насока Графика, во Д. С. У. П. У. “Лазар Личеноски”, во Скопје. Во 2011 год. дипломирал на Факултетот за хумани науки и уметност, при Универзитетот во Тетово, насока Графика, во класата на проф. м-р. Нафи Јашари. Во 2018 год. магистрирал на Факултетот за ликовна уметност, при Универзитетот “Кирил и Методиј”, во Скопје, насока Сликарство, во класата на проф. м-р. Јован Шумковски. Се усовршувал и преку стручни престои во Франција и Шпанија. Своите ликовни дела ги изложувал во Македонија и странство, на самостојни и групни изложби. Неговите ликовни дела се дел од приватни колекции во Македонија, Србија, Словенија, САД, Канада и Еквадор. Покрај сликарство и графика, неговиот интерес вклучува и фрескоживопис, едукација, дизајн и филм.
Изложбата ќе биде отворена до 14.09.2022 година. Повеќе информации може да најдете на следниов ЛИНК.