КУЛТУРА

Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија го објави јубилејното 10. издание на збирката „Метрички карван“

Денес од печат излезе 10-то издание на годишниот избор поезија „Метрички карван“ во издание на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ - Гевгелија

Промоцијата на јубилејното 10. издание во Кочани ќе биде одржана во соработка со ЈОУ Библиотека „Искра“ – Кочани на 13 јули во 19:00 часот во Мултикултурниот центар – Кочани, во склоп на празнувањето на Петровден, празникот на градот Кочани.

Metrichki karvan 2023 koritsa

Во збирката се застапени необјавени стихови од гевгелиските и кочанските поети: Васил Тоциновски, Јосип Коцев, Пепи Стамков, Стефчо Стефанов, Катерина Гогова, Жаклина Атанасова, Јадранка Клисарова, Димитар Арнаудов, Лилјана Пецова – Илиеска, Моника Игевска Ризова, Олгица Ќурчиева (Гевгелија), Доне Донев, Жаклина Михајлова, Љубинка Донева, Аника Илијевска-Ѓорѓиева, Ленче Стоименова, Љубинка Давидовска, Соња Драгољуб Гиздавиќ, Марина Гоцевска, Билјана Ѓорѓиева Гаврилова, Ставре Јанев и Андреј Јанков (Кочани).

Metrichki karvan 10 predna koritsa

Уредници на 10-то издание на „Метрички карван“ се директорот на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија Стефан Марковски, Васил Тоциновски и Славчо Ковилоски.

Рецензентот на изданието, Ана Витанова Рингачева, пишува:

„Збирката Метрички карван: Гевгелија – Кочани, книга во издание на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија, приредена од Стефан Марковски, Васил Тоциновски и Славчо Ковилоски е уште една повлечена дијагонала за поврзување две точки на извор на поетскиот збор. Тоа е десетта збирка поезија на поети од Гевгелија и останатите градови од Македонија, идеја која сама по себе е плодотворна и оригинална. Изданијата на овој карван на поезијата претставуваат своевидна географска карта за современата македонска поезија на која, свои маркери имаат македонските поети кои творат денес. Во збирката се застапени автори со потекло од Гевгелија, градот во кој е извориштето на идејата за поврзување на македонските поети кои, иако творат во различни средини, сепак имаат иста љубов, поезијата. […] Пред очите на читателот се случува еден возбудлив момент на преплетување на мотиви, теми, размислувања, некакви суштински испреплетени приказни на поетот и лирското јас, што гласно пее во негово име. Поетот ја восприема реалноста како противречна слика на неговиот внатрешен свет, кој е набразден со длабоките понори на вечните егзистенцијални, поетолошки и онтолошки дилеми. И читајќи ги поетските слики коишто се исцртуваат пред нас, сама од себе се наметнува дилемата: Кога се раѓа поезијата? При допирот на перото и хартијата или при допирот на зборот и емоцијата!? Секој од застапените поети има свој автентичен одговор на поставените дилеми. Дел од поетите кои веќе достигнале своја поетска зрелост, имаат јасен и цврст поетски израз, а дел од нив сѐ уште се во по- трага по својот автентичен авторски потпис. Едно вакво издание на поети од два града како две поетски жаришта има тенденција да ја оствари суштинската идеја за постоењето на поезијата, да биде мост за поврзување на само навидум оддалечените места. Гевгелија, најјужната точка на Македонија, станува точката на фокус во која се прекршуваат Метрички карван зраците од поезијата на поетите од останатите градови. Она што се забележува во претходните, а секако и во ова издание на „Метрички карван“ се локалните призвуци, мириси и бои на местото од каде потекнуваат поетите. Тоа само ја потврдува вистината дека, невозможно е човекот да го отсели родното место од себе, да го напушти или заборави.“

Напишете коментар

Back to top button
close