На 19 и 21 мај 2023 година, две композиции од македонската композиторка Дарија Андовска се изведоа на два концерти во Дрезден (Hochschule für Musik Dresden) и Герлиц (Goerlitz Synagogue – Kulturforum Görlitzer Synagoge) во Германија.
Sinfonietta Dresden, оркестар со 30 години традиција, ги изведе “даМар” за соло виола и гудачки оркестар (Yulia Mütze – виола, Ekkehard Klemm – диригент) и “FairVent” за гудачки оркестар, удиралки и фиксен медиум (Anna Svoboda – диригент) двапати, на два концерти, во рамките на циклусот концерти Beethoven Schnittpunkte, на кои се во фокус композиции од Бетовен, неговите современици и композитори од збратимени градови со Дрезден. Овој циклус на концерти е во соработка со Hochschule für Musik Carl Maria von Weber Dresden.
Концертите имаа голем одзив, а публиката со одушевување ги поздрави делата на Андовска.
Дарија Андовска е една од најплодните и интернационално најизведуваните македонски композитори, автор на камерна, соло, оркестарска, симфониска и хорска музика, како и на музика за филм, театар, танц и мултимедијални проекти.
Нејзините дела се изведувани на реномирани фестивали и бројни концерти во Македонија, Бугарија, Србија, Грција, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Белгија, Кина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Италија, Германија, Грузија, Грција, Франција, Англија, Ирска, Данска, Шведска, Шпанија, Норвешка, Унгарија, Украина, Азербејџан, Австрија, Јапонија, Албанија, Русија, Турција, Мексико, Малта, Канада, Полска, Романија, Ерменија, Турција, Сан Марино, САД, Чешка.
Добитник е на бројни награди и признанија, меѓу кои “Истакнат уметник на град Цирих”, двоен лауреат на “Виртуози – најдобар композитор во Македонија”, “Панче Пешев” – за врвни уметнички достигнувања во областа на музичкото творештво, “Најдобар уметник на УКИМ за 2021”, во два мандати била уметнички раководител на фестивалот “Денови на македонска музика” раководител е на интернационалната резиденциска програма за филмска музика LivingMusicProject во рамките на Cinedays, редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје и Факултетот за драмски уметности при УКИМ.
Моментално е на функцијата декан на ФМУ – Скопје.