ЗАНИМЛИВОСТИ

Зошто овесните каши се во центарот на новиот тренд на здрава исхрана?

Изборот на здрав, но вкусен оброк понекогаш знае да биде тежок. Медицинските професионалци и нутриционисти често знаат да го препорачаат овесот и овесните каши како совршената храна за здрав живот, поради нивната разноврсност: тие можат да се јадат со млеко, со јогурт, топли или ладни, свежи или оставени преку ноќ… Но, зошто овесните каши се носител на новиот тренд на здрава храна?

Овесните каши претставуваат лесен и едноставен начин да се направи здрав оброк, и како такви се практично решение за забрзаното секојдневие кое го живееме.

Иако некои ги преферираат наутро, овесните каши можат да бидат добар оброк за било кој дел од денот. Поради својствата на овесот, мала количина може да ве засити и да го елиминира гладот на подолго време отколку други видови на храна. Покрај тоа, овесните каши не одземаат време за подготовка – што ги прави идеални за оброците кога сте на работа или во брзање… или пак едноставно не сакате да готвите во тој моментот. И додека достапноста и брзата подготовка се првото нешто што го забележуваме кај нив, сепак треба да се знае дека главниот адут на овесните каши се здравствените придобивки кои ги нудат.

Редовното консумирање на овесна каша ги интензивира позитивните ефекти од својствата на овесот и како таква се покажува како корисна за намалување на нивото на гликоза и холестерол во крва и за намалување на ризикот од срцеви заболувања и дијабетес. Уште подобро ако самата овесна каша е без додаден шеќер, бидејќи на тој начин нема да ви ги помати плановите доколку внимавате на количинскиот внес на шеќер. Самата оваа причина ја стави овесната каша во центарот на новиот тренд за лесна, едноставна но многу здрава и корисна исхрана која нуди повеќе од само ситост за консументот. Но, овесот е одличен извор и на растителни влакна кои ја поттикнуваат добрата дигестија, ја регулираат активноста на цревата и даваат чувство на леснотија во организмот.

Иако главните, најголеми здравствени промени не можат да се измерат за неколку дена, па дури и недели, сепак вистинските ефекти ќе се почувствуваат со редовна употреба и соодветна консумација. По само десетина дена редовно јадење овесна каша еднаш дневно ќе почувствувате леснотија во стомакот и всушност ќе се уверите дека организмот побрзо ја вари храната, а доколку го практикувате истото подолго време, ќе се уверите и колку е полесно да се регулира или намали тежината ако сте посветени на дисциплинирана исхрана.

Пред само десетина години на овесот се гледаше како на „здодевна“ храна, но зголеменото ниво на свесност и на едукација кај потрошувачите го менува мислењето и во последните неколку години овесот се вивна кон самиот врв на листата на најважни намирници за сите љубители на здрава храна. Сега, овесните каши се новото супер-оружје во исхраната, а време е и вие да ги направите дел од вашето секојдневно мени!

Subscribe
Notify of
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
Back to top button
close