Turlitava.com

Oсма меѓународна награда за филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски

Две години по светската премиера, филмот „Кајмак” на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски и натаму освојува награди. Сега е прогласен за Најдобар филм на Меѓународниот филмски фестивал Фортеца во Црна Гора, кој заврши на 30 јули.

Овој мал, но реномиран фестивал кој се одржува во живописниот историски град Пераст, е содружник со познатиот БаНеФФ од Стокхолм, Шведска. За „Кајмак” оваа меѓународна награда е осма по ред досега.

„Баш ми е мило за ‘Кајмак’, си гази без гајле – локалната филмска мафија се утепа незаконски да нѐ блокира, а ние си редиме меѓународни награди, кај што они не ни припариле”, изјави Манчевски.

„Кајмак” е еден од најуспешните македонски филмови и со најширок пласман во светот. Тој е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, како и во Австралија и Карибите – од неодамна во Шпанија, Португалија, а претходно и во Мексико, Аргентина, Бразил и Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, од Гвајана и Ст. Китс и Невис до Данска, Хрватска… Процесот на пласман продолжува и натаму.

„Кајмак”, македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж, ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија) во ноември 2022 година, потоа продолжи со глобална фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, САД, Холандија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Албанија, итн. Филмот беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и бројни написи во локалните медиуми.

„Кајмак” беше најгледан филм во Македонија во 2022 година.

Македонската Агенција за филм сè уште незаконски ги блокира двата проекти на Манчевски, „Кајмак” и „Збогум, Копакабано!” (работен наслов „Биста”). Јавна поддршка за Манчевски како укажувач на корупција кој трпи политички прогон изразија Филмскиот фестивал во Венеција, ФИПРЕСЦИ (Меѓународната Федерација на филмски критичари), Транспаренси интернешнл и Whistleblowing International.

Exit mobile version