Откако растури минатиот пат на своето деби на подиумот во Бруталиск, Зоран Донев синоќа повторно настапи со своето познато шоу „Живот крај гробишта”, стенд-ап комедија која е биографска приказна на самиот стенд-ап комичар.
Пријатна атмосфера, општена дружба и смеење до солзи ја опишуваат синоќешната стенд-ап средба во Бруталиск која ни ја приреди Зоран. Од биографска приказна до секојдневни случки и сурови вистини, Зоран ни раскажа комични приказни и шеги за неговата работа, семејството, пријателите. Смеење до солзи во опуштена атмосфера – опуштање по работните обврски со добар завршеток на денот.
Зоран Донев не е актер како другите стенд-ап комичари, тој е шанкер и психотерапевт кој скоро 20 години ординира во познатиот охридски клуб Џез Ин. Откако ги испече првите два занаети, тој се пријави на Open Mic вечер во својот клуб во 2014 и преку ноќ стана стенд-ап комичар раскажувајќи ја својата биографска приказна за „Живот крај гробишта“ во неговиот Лескоец – местото со најскап квадрат во цел Охрид.
Оттогаш ги полни клубовите низ цела Македонија и има настапувано на неколку фестивали каде ги освои срцата на вљубениците во охридската угостителска слаткоречивост.