На 27 октомври во кино „Милениум“ во Скопје премиерно ќе се прикажува филмот „Најсреќниот човек на светот“ во режија на Теона С. Митевска. Овој месец, филмот кој што е македонски претставник за „Оскар“, ќе се прикажува и на пет фестивали низ целиот свет.
Како што најавија од продукција Митевски, во текот на месеците кои следат промоцијата на филмот низ светот ќе се одвива во силен ритам собирајќи нови признанија од селекција на престижни фестивали до ексклузивни прикажувања и започнување на редовно кино прикажување во многу земји.
– Започнавме со ексклузивна проекција на филмскиот фестивал во Киев, Украина кое беше проследено со предавањето од страна на режисерот Теона С. Митевска. Полната сала во Киев, и крајно емотивната проекција на филмот во Киев проследена со звуци од сирени, зборува за значајноста на оваа приказна и овој филм кој крајно искрено говори за тешкотиите и можностите за помирувањето по воените разорувања, за длабоките траги и трауми кои остануваат врежани засекогаш кај сите оние зафатени од немилосрдниот виор на војната, истакна актерката Лабина Митевска.
Од Киев, „Најсреќниот човек на светот“ продолжува во Хаифа – Филмскиот Фестивал во Израел од 8 до 17. октомври каде ќе биде прикажан во исклучителната силна главна конкуренција. Потоа патува во Бразил на Интернационалниот филмски фестивал во Рио де Жанеиро кој започнува на 21. октомври. Во октомври филмот ќе биде прикажан и на Филмскиот фестивал во Загреб, по што веднаш следува и кино дистрибуција на филмот во Хрватска.
Турнејата на „Најсреќниот човек на светот“ за десеттиот месец ќе заврши во Словенија, каде ќе се натпреварува за наградата „Весна“ за малцински копродукции на Филмскиот фестивал во Ровињ.
„Најсреќниот човек на светот“ е целосно на босански јазик и главнината на актерската екипа се босански и хрватски актери. Играат и Ана Костовска, Лабина Митевска, Николина Кујача како и Фирдаус Неби, Џевдет Јашари и Зорица Нушева во епизодни улоги, додека главните улоги ги толкуваат Јелена Кордиќ-Курет и Аднан Омеровиќ. Во актерската екипа се и Ксенија Маринковиќ од Хрватска, Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ и Кемал Ризвановиќ од БиХ.
Филмот е копродукција на Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска и најголем дел од екипата доаѓа од БиХ, вклучувајќи ја косценаристката Елма Татарагиќ, врз чија вистинска приказна е заснована приказната.