Американската мултинационална инвестициска банка „JP Morgan Chase“ планира да ја префрли работата што ја има од Германија во Лондон поради страв дека во наредните месеци може да дојде до прекин на електричната енергија во најголемата економија на Европската унија, пишува британскиот „Телеграф“.
Банката се подготвува да спроведе низа безбедносни мерки за да може да продолжи со работа во случај на прекин на дистрибуцијата на електрична енергија во Германија.
„JP Morgan Chase“ моментално размислува за решенија како префрлање на активности од својата канцеларија во Франкфурт во Лондон и во други европски градови. Изворот за „Телеграф“ вели дека е можно трансферот на вработените да се случи во сите канцеларии на банката.
JP Morgan Chase, која префрли имот во вредност од неколку милијарди долари од Лондон во Франкфурт пред излегувањето на Велика Британија од Европската унија, исто така може да се бори против прекинот на електричната енергија со помош на дизел генератори, а можно е нивните вработени да работат од дома за да се намали потрошувачката на енергија.
„Телеграф“ наведува дека овие планови се подготвени, но се уште не се реализирани.
„Многу работи ќе треба да се соберат за целосно да се прекине протокот на рускиот гас, да не се воведат ограничувања за неговата употреба и да не се набавува гас од други извори. Нашиот бизнис би страдал само ако се случат тие три работи“, вели еден извор од весникот.
Германската влада во неделата објави дека ќе обезбеди пакет помош во вредност од повеќе од 65 милијарди евра за своите граѓани за да им помогне да се справат со зголемените трошоци за енергија и воопшто со инфлацијата.
Европската унија размислува да ги оданочи сите производители на електрична енергија кои работат во нејзините земји-членки. Францускиот претседател Емануел Макрон го поддржа таквиот план.
Се верува дека некои сопственици на ветерни електрани и соларни фарми во моментов остваруваат големи профити бидејќи цените на електричната енергија на големо се зголемени, а нивните трошоци останале исти. Големопродажната цена на струјата во Европа е поврзана со цената на гасот, дури и ако струјата се добива од други поевтини извори на енергија.