Во издание на „Бата прес“ се објави книгата за деца и млади „Фудбалски сон“ од познатата холандска авторка Линеке Дајкзул (Lieneke Dijkzeul). Романот од холандски на македонски јазик го преведе Ели Пујовска. Објавувањето на ова дело е подржано и од „Холандската фондација за литература“ и е во рамките на проектот „За нивната иднина“ со кој „Бата прес“, во текот на оваа и во наредната година со поддршка од Европската унија, во програмата „Креативна Европа“ ќе објави 15 книги за деца и млади од 15 познати европски автори.
Ова е книга за фудбалот во која при читањето ќе уживаат дури и оние што не сакаат спорт. Се чини невозможно, но така е.
Момчињата Рахман, Тигани и Хенри имаат талент, што значи имаат некаква шанса да избегаат од големата сиромаштија во нивното село, во Африка. Нивниот тренер има контакти во фудбалски клуб во градот и ќе ангажира скаут да дојде и да види колку вешто тие можат рачно изработената топка да ја шутираат и водат по прашината.
Само Рахман ќе ја има потребната сила на карактерот за да се пробие. По трансферот во Холандија, кога Рахман ќе се врати во селото, носејќи кул патики и нови алишта, ќе сфати дека никој повеќе не го гледа како Рахман, туку се фокусираат на неговите пари и неговиот успех. Ама и тој е сменет.
Токму оваа драма го прави романот „Фудбалски сон“ толку силен. Дајкзул не пишува за фудбалот бидејќи е убава игра за момчиња, туку затоа што има важна порака. Оваа волшебна приказна зборува за големата жртва што понекогаш ја бара амбицијата.
Холандската писателка Линеке Дајкзул (Lieneke Dijkzeul) е родена во 1950 година. Таа е авторка што е најпозната по своите детски и тинејџерски книги. Нејзините романи De tweede vioo (Втората виолина, 1991), Een muis met klauwen (Глувче со канџи, 1993) и Kortsluiting (Краток спој, 1996) беа во најтесен избор на жирито за Холандската награда за детска литература. Во 2006 година ја објавила својата прва книга за возрасни, психолошкиот трилер De stille zonde (Тивок грев). Во 2007 година, го објавила продолжението Koude lente (Студена пролет), втората книга со Пол Вегтер како главен лик. После големиот успех со овој серијал, ги напишала и продолженијата De geur van regen (Мирисот на дождот, 2009), Verloren zoon (Изгубениот син, 2011) и Wat overblijft (Она што останува, 2012).