ЗАНИМЛИВОСТИ

Ризик постои во секоја акција, но тоа не ме поколеба да бидам пожарникарка: Интервју со Менка Стојаноска

Менка Стојаноска е една од двете пожарникарки во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Веќе четири години е на оваа позиција и е задоволна што досега безбедно и совесно ја извршува функцијата на пожарникарка.

Освен што е една од ретките жени во оваа професија, таа е и првата која учествуваше на меѓународен натпревар по бразилски џиуџитсу и која донесе титула.

Одлуката за професијата пожарникар е лична бидејќи е блиска со нејзиниот карактер. Стереотипите за машки и женски професии не ја исплашиле да се пријави на конкурсот, да помине тестови со умствена и физичка подготвеност и од 2019 година да биде дел од противпожарната единица на градот.

Menka Stojanoska

„Љубовта кон оваа професија се појави сосема спонтано со текот на моето растење. Сфатив дека ова е една од работите каде што се пронајдам и ќе ми биде задоволство да ја извршувам. Скоро 4 години сум дел од противпожарната единица”, изјави Стојаноска за Репортер.

Во моментов во Бригадата на Град Скопје вработени се две жени и двете си даваат поддршка една со друга. Во однос на предрасудите за тоа што е жена во оваа професија, Менка вели дека никогаш не размислувала така, дека тоа што е девојка треба да биде пречка да влезе во противпожарната единица.
„Ако некој нешто сака и може, не би требало околината воопшто да влијае на тоа како ќе постапува. Тоа се отсликува и во самата бригада, во мојата единица. Јас тука немам забележано дека некому му пречи тоа што сум жена. И многу ми е драго што во нашата држава правниот систем овозможува секој оној кој сака да се пронајде во одредена професија и ги исполнува условите и има желба да биде дел од тоа. Стереотипи постојат, но јас верувам дека поделбите на машки и женски професии се по природен пат. Не може во пожарната да бидат 80% жени и 20% мажи, поради физиономијата на самото тело и потребата на поголема физичка сила за самите интервенции”, раскажува Стојаноска.

Секојдневно додека е на работната позиција е во униформа, но вели дека во одредени пригоди кои го бараат тоа, знае да облече штикли, да стави шминка и да има маникир.
Кога се на терен сите се штитат едни со други, нејзината и безбедноста на нејзините колеги е од приритетно значење, па и затоа мора едни со други да се чуваат.

„Сите внимаваме, во одредени ситуации може некој колега да ме опомене дека тоа место каде што сум застаната или акцијата која ја преземам е со поголем ризик, но исто така и јас го набљудувам просторот, дали моите колеги се безбедни во самата акција”, раскажува Менка за безбедноста на животот на пожарникарите.

Работниот ден на Менка како и на сите вработени во противпожарната едница започнува со земање на дневната смена, потоа сите се редат во строј и во гаражите земаат две возила кои ги дежураат во текот на денот. По проверка на возилата, го пијат првото утринско кафе со колегите.

„Имаме ѕвоно, по него следи зборот „Внимание” и кога ќе го слушнеме тој збор знаеме дека треба да се подготвиме за некоја интервенција”, раскажува Менка.

Ризик постои во секоја акција и секое излегување на терен.

„Со што треба да се соочиме на терен имаме тука најава, и си создаваме слика што би не очекувало, но не секогаш може да биде така и не секогаш кога луѓето најавуваат знаат да опишат за што станува збор. Во многу од ситуациите знаеме да отидеме на самото место, а да се соочиме со нешто различно од она што ни било најавено. Досега мојот живот не би загрозен и сега за сега безбедно ја извршувам оваа работа”, вели во интервјуто пожарникарката Стојаноска.
Десетина години тренирала бразилски џиуџитсу, но на оваа вештина претходело борење слободен стил и џудо.

„Еден период одев и на натпревари, сега веќе не сум толку активна, но знам да отидам и да извежбам и тоа е нешто што навистина ме исполнува. Имам и освоено медали. Конкретно за бразилската џиуџитца бев првото девојче што донесе медал од меѓународен натпревар. Во тој период бевме две – три девојчиња, и сега нема многу девојки, но тоа е личен избор”, вели Менка Стојаноска.

Напишете коментар

Back to top button
close