Супер лепилото е одлично за поправки, но штом падне на погрешно место (прсти, облека, мебел, стакло…), тешко се отстранува бидејќи брзо се „стврднува“ и силно се врзува за површината.

Најпознат „растворувач“ е ацетонот (најчесто го има во средствата за отстранување лак за нокти). Тој го разградува супер лепилото, но може да оштети некои материјали (пластика, лак на дрво, боја на ткаенина), па затоа треба да се користи внимателно.
Покрај ацетон, често помагаат и:
- Алкохол / медицински алкохол (или гел за дезинфекција на раце)
- Шмиргла (механичко отстранување на исушеното лепило)
- Бел оцет
- Топла сапуница (најдобра за кожа)
- Маслиново масло (за кожа или мали количини лепило)
- Течност за запалки
Како да го отстраните супер лепилото од различни површини
Од кожа (залепени прсти)
Не паничете. Најбезбедно е:
- Потопете ги прстите во топла сапуница
- Нежно тријте со сунѓер или крпа
- Повторувајте додека лепилото не почне да се лупи
Не влечете на сила, бидејќи може да ја оштетите кожата.
Од стакло
Стаклото е издржливо, па лепилото полесно се отстранува. Најдобра опција е ацетон за отстранување лак, а алтернатива се алкохолот или течноста за запалки.
Нанесете на памук или крпа и тријте со кружни движења. Ако не се отстрани веднаш, оставете неколку минути, па повторете.
Од ткаенина (облека)
Ацетонот може да ја извлече бојата или да го истенчи материјалот, затоа:
- За памук и полиестер: медицински алкохол
- За кожа (јакни, чанти): оцет (побавно, но поблаго дејство)
Секогаш нанесувајте на крпа и тријте додека лепилото не омекне.
Од дрво
Прво проверете за каков тип дрво станува збор. Ако е необработено, може да користите ацетон. Доколку е обработено (лакирано), тоа не е најдобра опција, бидејќи може да го оштети лакот.
Од тепих и тапацир
Тука треба да се избегнуваат:
- Ацетон (може да избели)
- Оцет (мирисот може да остане)
Најчесто помага медицински алкохол, но задолжително прво направете тест на скриен дел од површината.
Супер лепилото може да биде вистинска „напаст“ кога ќе капне таму каде што не му е местото, но не е невозможно да се отстрани, пишува „Reader’s Digest“.





