SkyShowtime денеска потврди дека „Mrs. Harris Goes To Paris “ ќе биде достапен за стримување на платформата од 19 јуни.
„Mrs. Harris Goes To Paris“ е волшебна приказна за навидум обична британска домаќинка чиј сон да поседува фустан од високата мода на Кристијан Диор ја води на необична авантура во Париз.
Во Лондон по Втората светска војна, Ада Харис (кандидатката за „Оскар“ Лесли Менвил) заработува за живот како чистачка. Води осамен живот откако саканиот сопруг Еди исчезнува во една акција, но таа не е човек што ќе тагува за несреќата или што ќе се жали за тоа што ја снашло. Сепак, кога прагматичната Ада ќе го здогледа незамисливо убавиот фустан од Кристијан Диор како виси во спалната соба на една богата клиентка, изненадена е од чувството на нескротлива желба што ја обзема. Да се поседува нешто толку нестварно, толку прекрасно, вистинско уметничко дело – тоа може навистина да му го смени животот на еден човек.
Откако ќе работи дополнителни работи и ќе штеди колку што може – дури и пробувајќи си ја среќата на трки – Ада најпосле може да си дозволи да плати за еден фустан од „Диор“. Се збогува со блиските пријатели Ви (Елен Томас) и Арчи (Џејсон Ајзекс) и заминува за Париз за да ја посети престижната „Куќа на Диор“ и да си ги оствари соништата. Но, кога пристигнува, Ада се соочува со низа изненадувачки препреки, од кои една е застрашувачката Мадам Колбер (кандидатката за “Оскар” Изабел Ипер), која се накострешува на самата помисла една обична чистачка да носи фустан од високата мода.
Меѓутоа, без разлика какви препреки ѝ се испречуваат, Ада одбива да си замине од Париз без фустанот. Нејзината непоколеблива решителност ги воодушевува идеалистот по природа, сметководителот на „Диор“ Aндре (Лукас Браво), љубезната манекeнка Наташа (Алба Баптиста) и аристократот Марки де Шасања (Ламберт Вилсон), најпосакуваниот ерген во Париз. Ада наскоро открива дека менувајќи го сопствениот живот, почнува да ги менува животите на луѓето околу неа. Би можела дури и да придонесе кон спасување на самата компанија „Диор“.
Со адаптација на романот од Пол Галико од 1958 г. „Mrs. ’Arris Goes to Paris“ за екран, авторот и режисер Антони Фабијан создава убедлива современа бајка за следење на соништата, за моќта на пријателството и за важноста да се остане верен на себе.
Услугата SkyShowtime им е достапна директно на корисниците преку апликацијата SkyShowtime на Apple iOS, tvOS, уредите на Android, Android TV, Google Chromecast, LG TV, Samsung и преку веб-страницата: www.skyshowtime.com . Месечната цена на SkyShowtime е 5,99€.