Во Германија се приведени 25 лица, кои се осомничени дека се членови на терористичка организација или дека ја поддржуваат, а кои, како што се претпоставува, планирале да извршат државен удар со упад во Бундестагот (Сојузно собрание), пренесуваат германските медиуми.
Германската полиција спроведува голема операција против десничарските екстремисти кои се осомничени дека планирале да упаднат во Бундестагот, пренесува „Шпигел“ повикувајќи се на извори. Специјалните сили спроведуваат операции во исто време во 11 сојузни држави, се наведува.
По наредба на Обвинителството приведени се 25 лица кои се осомничени дека се членови на терористичка организација или дека ја поддржуваат. Како што се наведува, тие се дел од терористичката група „Граѓани на Рајхот“.
Претресот се врши во 130 куќи, канцеларии и други објекти. Се нагласува дека планот на екстремистите бил да извршат вооружен напад врз парламентот и да ги држат во заложништво политичарите. Тие очекувале дека некои делови од безбедносните структури ќе се солидаризираат со нив, што ќе овозможи државен удар.
Обвинителството соопшти дека меѓу приведените е и еден руски државјанин.