Со слоганот „Ослободете ја моќта на билките“ на 17 ноември, во 10 часот ќе биде отворен голем „Фестивал на чај“ на кој ќе се претстават 30-тина учесници и ќе трае до 19 ноември.
Фестивалот е во организација на Платформата за истражување и промоција на природата и културата „Nature Expedition“ и Скопје Сити Мол.
Во најголем дел ќе се претстават поединци во чиј фокус се чаевите, ароматичните билки, пчелните производи и есенцијалните масла и неколку комерцијални македонски и странски брендови.
На фестивалот, кој ќе се случува на приземјето на Скопје Сити Мол предвидено е и учество на институти, факултети и институции. Вистински куриозитет ќе биде претставувањето на Институтот Конфуциј при УКИМ, кој во петок на 18 ноември, со почеток во 18 часот ќе понуди уникатно искуство. Првин во изведба на деца кои го изучуваат кинескиот јазик предвидени се неколку перформанси на кинески танци, а потоа до 22 часот ќе ја претставуваат традиционалната кинеска церемонија на чај.
Со едукативно катче ќе се претстави Ботаничката градина при ПМФ од Скопје и студентите од ИДСБ (Истражувачко друштво на студенти биолози), кои ќе ги презентираат македонските билки, науката и младиот потенцијал биолози. Во научното катче, децата и возрасните ќе можат заедно со ИДСБ да истражуваат хербариуми и инсектариуми и преку бинокулар (стереоскопски микроскоп) да ја погледнат димензијата на минијатурните семиња. Во петок со почеток во 18 часот ќе направат и презентација за садење семиња.
На настанот се приклучуваат и Национални Шуми на Р.С. Македонија со презентација и едукативен дел за македонските шуми, екологијата и потенцијалите.
Децата ќе имаат прилика да уживаат со ликовите на славните книги за природата, во креативно едукативно катче „Сказнувалка“, водено од професионални едукатори од областа на детската литература, креативноста и уметноста.
На тридневниот фестивал посетителите ќе имаат исклучителна можност да дегустираат и купат чаеви и да дознаат повеќе за добрината на природата, традицијата и културата и моќта на лековите билки од професионалци за ароматични билки и есенцијални масла.
Фестивалот е фокусиран на природната медицина – лековитите билки, од кои се подготвуваат чаеви, есенцијални масла и сапуни, препарати за здрав живот, мевлеми и чајни колачи од билки, понатаму шумски плодови, мармалади и чаеви со тартуфи. Посебен простор е резервиран за пчелни производи, како природниот мед, козметика од мед и пчелни производи за поздрав живот. Неколку уметници и ракотворци ќе го дообојат фестивалот со рачно изработени чајници и филџани за чај. Посетителите ќе имаат можност да добијат и совети за поздрав живот од производителите на чаеви и есенцијални масла од ароматични и лековити билки.