МАКЕДОНИЈА

Презентирани најновите иновации од младите умови во нашата заедница

Со поддршка на Американската амбасада во Скопје и Фондот за иновации, се одржа нов настан на вмрежување посветен на иновативните проекти и идеи на некои од најперспективните млади умови кај нас, организиран од ИНО ФАБ Лабораторијата лоцирана на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје.

image2 18

„ИНО КАФЕ настанот е веќе традиција за мотивација и инспирација, ова е точката каде што ги презентираме најновите иновации сработени во ИНО ФАБ ЛАБ. Овој пат, просторот во Нетавил беше претесен за сите заинтересирани, кои сакаа да бидат сведоци на иновативните проекти и идеи на некои од најперспективните млади умови во нашата заедница. Од врвни технолошки решенија до креативни концепти за дизајн, овие млади иноватори инспирираа и импресионираа со нивните идеи„- истакна Верица Јорданова од ИНО ТЕХ КЛУБ, кој стои позади овој проект.

image0 33

На настанот беа презентирани два иновативни производи креирани и развивани од страна на млади тимови во ИНО ФАБ ЛАБ, првата лабораторија за производство и прототипирање која се наоѓа на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје. Беше презентирана работата на на тимовите „Дизајнирање и прототипирање на аеродинамичен објект“ и на тимот „Green lazy bags oд текстилен отпад“ кои во изминатите месеци беа развивани под менторство на професори и асистенти на Технолошко-металуршкиот и Машинскиот факултет.

„Првиот тим работеше на дизајнирање на иновативно крило за мали летала кое е инспирирано од природата. Овој тим врз основа на повеќе истражувања и математички пресметки дојде до заклучок дека аеродинамичкиот објект (крило) направено според крилото на гуска има најдобри перформанси. Крилото инспирирано од гуската има најголема заштеда на гориво поради помалиот отпор и има и поголема носивост на товар во тек на подолго време и долги растојанија. Прототипот на ова иновативно крило, кое може да најде примена и во ветерниците, беше испечатен на 3Д принтер во ИНО ФАБ ЛАБ, а неговите перформанси беа тестирани во специјална лабораторија на Машинскиот факултет„ – истакна организаторот.

image7 8

Големо внимание на настанот привлекоа еколошките lazy bags, разработени од тимот „Green lazy bags oд текстилен отпад“ кои беа изложени и гостите ги тестираа истите. Станува збор за производи кои се наполнети со различни полнила, вклучително и текстилен отпад од текстилната индустрија кој вообичаено завршува на депонија и креира големо загадување.

„На ваквите настани, секогаш покануваме и познати претприемачи и менаџери, кои со своите искуства мотивираат. Па така овој пат пред младата публика свои искуства споделија Весна Иваноска – Генерален Менаџер на Сеавус едукативен и развоен центар и Горан Митревски – сопственик и директор на КАБТЕЛ, компанија со експертиза и решенија за сајбер-безбедност, автоматизација и интеграција, бекап на податоци, мрежи и техничко обезбедување. Клучната порака од нив до присутните млади е дека зад секој успех стои многу работа, труд и континуирано учење„ – објаснува Јорданова.

image1 20

Првата лабораторијата за производство и прототипирање ИНО ФАБ ЛАБ е лоцирана на Технолошко-металуршки факултет (ТМФ) во Скопје, а е основана од страна на Здружението ИНО ТЕХ КЛУБ во партнерство со Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, со поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој, амбасадата на САД и неколку успешни македонски компании. Во неа, под менторство на академски професори и стручни лица од реалниот сектор, младите на возраст од 15 до 29 години развиваат и тестираат иновативни идеи до создавање продукт-прототип. Клучната цел на оваа лабораторија е да се зајакне иновативната инфраструктура во земјава и да се подобрат вештините и знаењата на младите средношколци и студенти.

Сите заинтересирани за учество во работата на Ино Фаб Лаб може да се пријават и бесплатно да бидат ментори рани во процесот на создавање на нивните иновации.

Напишете коментар

Back to top button
close