МАКЕДОНИЈА

МСУ – Скопје иницира еколошки проект кон зачувување на здравата животна средина

Музејот на современата уметност – Скопје започнува со реализaција на проектот  „Пејзаж на вознемиреност“ (култура и уметност за идното коегзистирање со еколошките кризи и климатски промени). Реализацијата на проектот започнува утре на 4 ноември со работилница во Велес.

Pejzazh na voznemirenost

Проектот се однесува на климатските состојби и еколошки предизвици, кои генерираат ургентни состојби преку екстремните временски услови, губење на биодиверзитетот, девастираната животна средина, неконтролирани траектории на експлотација на основните ресурси, како водата и воздухот, глобален раст и несакани миграции.

Главно прашање на проектот е како институциите во културата и уметниците можат да придонесат во справување со овие кризни состојби. Со овој проект, Музејот на современата уметност презема важна институционална улога осредоточена на ефектите од климатските промени, погрешните локални политики, загадувањето на воздухот, депониите и губењето на биодиверзитетот.

Во претстојниот период, проектот вклучува повеќе серии на работилници во Скопје, Велес, Битола и Преспа, кои ќе се реализираат во соработка со локални еколошки друштва и организации, преку кои, новите генерации уметници, истражувачи и активисти во Македонија ќе се ангажираат во однос на животната средина и климатските промени.

Овој процес на едукација и размена на искуства ќе резултира со создавање колаборативни уметнички дела, публикација на рециклирана хартија, и изложба во Музејот на современата уметност во Скопје во Март 2023 година.

На 4 ноември е договорена првата работилница во Велес, со учество на  Тихомир Топузовски (раководител на проектот) Ивана Васева (кураторка)  Кирил Арсовски (биолог и еколог) Денис Сарагиновски и Слободанка Стевчевска (ОПА, уметнички колектив) Ивана Мирчевска (уметницa) Дарко Алексовски (уметник), како и членови на Еколошко друштво од Велес „Вила Зора“.

Учесниците во работилницата првин ќе одат во посета на неколку значајни локалитети во Велес: Езеро Младост – Како човекот низ просторот и времето го менува и прилагодува релјефот; „Топилница“– Историските и моменталните траги од човечката индустријализација и во Велешки Ади, Градски Парк – Историската и културолошкaта промена на потребата и начините на кој човекот ги искористува природните ресурси.

Потоа, со почеток во 12 часот на пладне ќе се одржи работна сесија во Ликовниот центар на „Народен музеј“ Велес, каде ќе се одржи предавање на тема „Природна и еколошка карта на Велес“, потоа разговор со локален еколошки активист Вила Зора – Велес и на крајот ќе се води дискусија.

Работилницата ќе биде отворена за јавноста. Сите заинтересирани, можат да присуствуваат на предавањата или да земат учество во дискусијата.

Македонија и земјите од Западен Балкан преставуваат средиште на загадувањето во Европа, пред се, поради застарените фабрики за јаглен, автомобилите, неисправните индустрии и енергетската сиромаштија на населението. Низа фактори кои во континуитет го загадуваат воздухот, водата и севкупниот биодиверзитет на земјата, предизвикуваат негативни влијанија врз животната средина и здравјето на граѓаните.

Културата е суштинска алатка за генерирање на еколошки ангажмани, истовремено влијаејќи на други меѓусебно поврзани агенди, како што се урбаното планирање, социјалната вклученост и правото на здрава животна средина.

Основната цел на проектот е да создаде услови за квалитетна размена на знаења, соработки, едукација и уметничка продукција, преку која уметниците, истражувачите, еколозите, активистите и граѓаните во Македонија ќе се ангажираат во однос на животната средина и климатските промени. Проектот е целосно финансиран од ФООМ (Фондацијата Отворено општество – Македонија).

Напишете коментар

Back to top button
close