МАКЕДОНИЈА

Фондацијата „Saint-Gobain Initiatives“ и Хабитат Македонија со нова донација ќе реновираат два објекти за социјално загрозени семејства во општина Чашка

Компанијата Saint-Gobain преку Фондацијата Saint-Gobain Initiatives донира 70.000€ за реконструкција на 2 објекти за социјално загрозени семејства во општина Чашка. Донаторскиот проект ќе се реализира во соработка со Хабитат Македонија која ќе учествува со 17.000€, и во координација со општина Чашка која е и сопственик на двата објекти. За да се означи почетокот на проектот денес во просторииите на Хабитат Македонија е потпишан и меморандум за соработка помеѓу Хабитат и општина Чашка.

FOTO 5

Saint-Gobain како светски лидер во производството на лесни и одржливи градежни материјали, со оваа донација ќе го реконструира дневниот центар за социјално ранливите лица во општина Чашка и ќе овозможи подобрување на условите за домување на 8 социјално загрозени семејства со вкупно 20 членови.

Дополнително, со цел поттикнување на нови можности за вработувања во градежниот сектор и економски придонес на локално ниво, со оваа донација ќе се овозможи и обука на 10 млади лица за сертификација за градежни работници во приватната образовна институција “Ванчо Прќе-Штип. Со тоа ќе им се помогне на младите од општина Чашка полесно да се вработат во градежниот сектор, како рурална заедница во која нема многу можности за вработување на младите.

Foto 1

Со донацијата се опфатени два објекти со дневен центар за стари лица и со апартмани за домување на социјално загрозени лица кои ќе бидат комплетно реновирани со термо енергетска фасада, подови, хидроизолација на бањи и покрив, подни и ѕидни опшивки, олуци и нови прозорци и врати.

Ова е трета донација на компанијата Saint-Gobain во Македонија. Во изминатиот период, Saint-Gobain во соработка со Habitat Македонија има донирано околу 80.000€ за проектот „Енегретска ефикасност на на Здружението на пензионери во Кавадарци” и за проектот „Реконструкција и енергетска ефикасност на Центарот за помош на лица со ментален хендикеп Порака – Неготино”.

„Kако социјално одговорна компанија, Saint-Gobain поддржува проекти за изградба или реновирање на простори за живеење на луѓе од социјално ранливи категории, придонесувајќи за намалување на потрошувачката на енергија и зачувување на животната средина. Во рамките на овие проекти исто така промовираме и поддршка за професионалната интеграција и образование,  преку стручно доусовршување на млади лица со фокус на градежните професии. Покрај финансиската поддршка, ние даваме и техничка подршка за време на реализацијата на овие проекти. Горди сме на оваа наша трета донација во Македонија и веруваме дека придобивките од нашата донација, ќе обезбедат далеку поодржливи и подостоинствени услови за живот во овие два објекти во општина Чашка. “, изјави Томаш Росак, Главен извршен директор на Saint-Gobain за Источна Европа.

„Хабитат Македонија, како единствена граѓанска организација која ја опфаќа областа на супстандардното домување, во изминативе години е носител на повеќе вакви иницијативи за подобрување на енергетската ефикасност и квалитетот на домување во локалната заедница, особено за најранливите групи на граѓани. Проектите се спроведуваат со општествено одговорни компании од корпоративниот сектор, и особено сме благодарни што веќе по третпат Фондацијата Saint-Gobain Initiatives во нас препозна партнер со заедничка визија и вредности, и се надевам дека таа соработка ќе продолжи и понатаму.“ – изјави Зоран Костов,  Директор на Хабитат Македонија.

„Како мала и рурална локална средина, сами можеме многу малку да придонесеме за подобрувањето на условите за живот за ранливите категории на граѓани. И секоја донација е повеќе од добродојдена. Со реконструкција и подобра енергетска ефикасност на објектите, се создаваат похумани услови за живот за социјално загрозените семејства, како и за пензионерите во нашата општина, и на тој начин помагаме на оние на кои најмногу им е потребна помош“ – изјави градоначалникот на општина Чашка Горан Стојановски.

Реконструкцијата и енергетско ефикасната обнова на овие два објекти се планира да заврши во период од една година, а Saint-Gobain и Хабитат Македонија преку овој проект сакаат да ги зајакнат капацитетите и потенцијалите на ранливите категории, нивната интеграција во локалната заедница и поддршка во справувањето со сите социјални предизвици.

Напишете коментар

Back to top button
close