Православните христијани во нашата земја денес го слават Св. Никола Чудотворец – светец кој е заштитник на децата, морепловците, девојките, сиромашните, учениците, пекарите, аптекарите, трговците и патниците.
Свети Никола е еден од најпочитуваните светци, кого го слават не само православните и католиците, туку и дел од муслиманите, особено во Турција.
Во Македонија и ширум светот постојат безброј цркви, манастири, икони и фрески посветени на овој светец. Многу македонски семејства вечерва ќе го одбележат празникот со богата посна трпеза, на која ќе доминираат рибата и посните сарми.
Свети Никола е познат по својата возбудлива животна приказна, која со векови ги инспирира христијаните. Роден е во малоазискиот град Патара, пристаниште на Медитеранот, на територијата на денешна Турција. Живеел во 4 век, долго пред големиот раскол меѓу православната и католичката црква во 1054 година.
Свети Никола починал на 19 декември 343 година и бил погребан во соборната црква на Мирликијската митрополија. Кон крајот на 11 век, неговите мошти биле пренесени во италијанскиот град Бари, во манастирот Свети Јован Претеча.
Во македонската традиција, Свети Никола Мирликиски – Чудотворец има посебно значење. Многу семејства го слават како свој домашен заштитник со семејни служби и обичаи. Иако денот на неговото упокојување (19/6 декември) е најчесто празнуван како Зимски Св. Никола, големо внимание му се посветува и на денот на пренесувањето на неговите мошти (22/9 мај), познат како Летен Св. Никола.
Свети Никола останал запаметен како заштитник на патниците, особено на оние што патуваат по вода. За време на животот, но и по неговата смрт, им помагал на сиромашните, ги штител затворениците и неправедно осудените, ги откупувал робовите и ги ослободувал.
На христијанските бродови често има икона од Свети Никола. Морнарите, спроти неговиот ден, застануваат каде и да се наоѓаат, го фрлаат сидрото, се молат и го прославуваат светецот, а утредента продолжуваат со пловењето. На иконите Свети Никола се прикажува со архиерејска одежда.
Именден празнуваат: Никола, Нино, Николина, Коле…