МАКЕДОНИЈА

Денеска се празнува Преображение Господово

Преображение Христово или Преображение Господово — христијански празник кој се слави секоја година на 19 август, односно 6 август според јулујанскиот календар. На овој ден се прославува преображението на Христос на планината Тавор, кога Господ се појавил во сета Негова слава пред апостолите Петар, Јаков и Јован.

Preobrazhenie Gospodovo

Во три од четирите Евангелија се говори за овој настан: Матеј 17,1-9, Марко 9,2-8 и Лука 9,28-36.

Според преданието, за да не ослабе верата на апостолите со неговото страдање и смрт кои претстоеле, и за неговите ученици да не отпаднат од него, Господ Исус Христос сакал да им покаже барем дел од својата божествена слава. Затоа ги зел со себе Петар, Јаков и Јован и излегол со нив ноќе на гората Тавор и таму се преобразил пред нив.

„ И заблескало лицето негово како сонце, а облеката му побелела како снег, а покрај него се појавиле пророциte Мојсеј и Илија. … Потоа, сјаен облак ги опфатил Господ и учениците и дошол глас од небото: „Овој е Мојот возљубен Син, Него послушајте Го.“ Откако го слушнаале овој глас учениците паднале земјата како мртви и останале така додека Господ не им пришол и им рекол: „Станете и не бојте се“ (Матеј 17). “
Откако слегле од гората, Исус им заповедал да не зборуваат за тоа што го виделе, додека Тој не воскресне. Иако настанот традиционално се верува дека се случил на 40 дена пред распнувањето на Христос, тој се празнува на 40 дена пред Крстовден.

Преображение Господово е еден од оние осум големи Христови празници, кога, според народното предание, во зора почнуваат да се преобразуваат и гора и вода, најавувајќи ја идната есен.

На Преображение се преобразува и листот и гората и каменот во водата, листовите почнуваат да жолтеат и да опаѓаат, а водата станува постудена па не е за капење. Кај луѓето на Преображение се случуваат промени-кој преку лето поцрнел, почнува да белее. На Преображение и небото , во глува доба три пати се преобразува. Кој тоа го види и на друг му каже, се верувало дека ќе го изгуби паметот.

Според распространетото верување, на Преображение не е убаво преку ден да се спие, бидејќи кој тој ден поспие, ќе се преобрази, па цела година ќе биде дремлив и поспан. Не е добро овој ден да се плаче, ниту луѓето цел ден да го поминат во кафана – да не им помине во навика и да не станат безделничари и расипикуќи.

Преображение спаѓа во христовиот пост на кој жените постеле, а овој ден е обичај, никој, без исклучок да не мрси. Понекогаш се постело и поради дивите зверови. Било обичај тој ден да се јадат риби и ракови. Во некои краеви на Преображение се берат лешници и преку целата година се чуваат за лек, кога некој ќе го заболи увото.

Напишете коментар

Back to top button
close